27 Април, 2024
0.0351

Зошто Германците се плашат од Инфлација?

Објавено во: Анализа 17 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Бундесбанката е еден од најголемите противници на експанзивна монетарна политика. Спремна е по секоја цена да ја брани стабилноста на цените и секогаш претпазливо влегува во монетарна политика која преку зголемување на парите во оптек има за цел да потикне раст. Познати се вистинските приказни околу тоа дека Германците откога постои еврото во некои периоди ги намалувале платите за разлика од колегите Европејци на југот на континентот. Многу ретко скоро и никогаш не можеме да читаме за штрајк на Германските работници кои бараат плата. Дисциплината ги прави наднација која се чини дека може да се справи со се што ќе им излезе на патот. Денеска Германија има стапка на невработеност под 7%. Делува како да имаат вграден чип кој од инфлацијата ги брка како од црниот ѓавол. Зошто е тоа така ? Иако поминаа скоро 100 години, Германците се чини дека се сеќаваат на големата инфлација во Вајмарската Република како да се случила вчера, тоа е период на најголемо страдање на народот во поновата историја. Во овој текст ќе се потсетиме што тогаш се случи. Овој графикон ја покажува неверојатната магнитуда на инфлација која Германија ја доживеа после првата светка војна. Зошто се случи денеска непогрешливите тогаш да погрешат ? - Мислеа дека лесно ќе ја добијат првата светска војна. А потоа искористувајќи ги ресурсите од поробените држави ќе се вратат во живот. Навидум логично, но војната беше загубена. Трошоците пак беа финансирани со многу печатени пари кои си го најдоа подоцна местото во системот и ја опустошија државата. - Со силна пропаганда ја криеја погубната политика. Реалните курсеви беа криени и берзата беше затворена. Беше невозможно обичниот човек да го увиди разорувањето на економијата. Се пуштаа огласи од типот “Злато за челик”, повик кој требаше да ги убеди Германците своите заштеди да ги дадат за војската која кога ќе победи ќе им донесе голем поврат на вложеното - Нормално, тоа не можеше да се крие долго. Се смета дека на еден војник на фронтот имало двајца дезертери. Не од кукавичка природа, туку од економска. Знаејќи ја состојба на нивните семејства дома војниците бегале од фронтот обидувајќи се да се вратат на тие што ги оставиле. - А кога војната заврши.....Репатријацијата која Германија мораше да ја плати беше страшна. Згора на тоа армијата мораше да биде намалена за неверојатни 75%. Огромен број на невработени шетаа по улиците и тоа само ја направи работата полоша. -  400 политички убиства меѓу 1919 и 1923 година се случија само во областа Баварија. Државата тонеше во секој поглед. - Основните продукти растеа неверојатно брзо. Цените на храната пораснаа 30 до 40 пати споредено со предвоениот период. Дури 3/4 од приходите се трошеа само за храна. - Во меѓувреме не е ни чудо дека секој кој можеше да добие странска валута за марката веднаш се ослободуваше од неа. - За крај порасна антисемитизмот и знаеме што се случи потоа со светот. Токму поради ова 90 години после големата инфлација Германците ќе сторат се што можат да не ги следат чекорите на Бен Бернанке преку океанот, колку и тоа да успева таму, најголемата економија во Европа барем засега ќе биде против. Редакција Фактор