30 Април, 2024
0.0252

Зошто ќе се враќа калдрмата на скопскиот плоштад?

Објавено во: Анализа, Македонија 08 Август, 2013

Добивај вести на Viber

По седум години плоштадот Македонија повторно ќе добие нов изглед. Поранешниот градоначалник Ристо Пенов ја извади, сегашниот градоначалник  Коце Трајановски ќе ја врати калдрмата на скопскиот плоштад. Дали со новиот изглед ќе се врати стариот сјај на градот или сегашните бетонски плочки не се вклопуваат во околниот амбиент? Идејата за враќање на коцките на плоштадот е стара од 2009 година, поточно кога течеа и подготовките за поставувањето на фонтаната “Воин на коњ”. Тогаш градоначалникот Трајановски изјави дека идејата ја добил од прошетката во Париз и најави дека веќе следната 2010 година ќе започне реализацијата. Но процесот се одолговлечи. - Да, ќе ја враќам коцката. Скопје треба да стане како европските градови во кои, ако прошетате, ќе видите дека сите плоштади се со вакви камења. Тие не се во модернистички стил туку со стара архитектура, карактеристична за нивното минато. Така треба да биде и со нашиот главен град. Коцката која беше извадена, му дава еден посебен дух и белег на Плоштадот, на градот, и затоа мора да се врати назад. Во ниту една метропола не се уништуваат плоштадите стари стотина години за да се заменат со модерна архитектура, па така треба да биде и кај нас. Скопје ќе стане како Париз. Идејата за коцката ми дојде додека шетав низ тој град и зажалив што мојот претходник Ристо Пенов го смени стариот лик на Плоштадот и на Скопје, изјави Трајановски кон крајот на 2009 година. Пенов: Калдрмата е потешка за одржување  Сегашниот изглед плоштадот Македонија го доби во периодот од 2003 – 2004 година. Тогаш во градоначалничката фотелја седеше Ристо Пенов.  Комплетната обнова на плоштадот чинеше три милиони евра. Украсниот камен во сива и темно сива боја беше донесен од планината Јабланица од Босна и Херцеговина. На конкурсот пристигнаа 27 трудови, за кои Пенов тогаш изјави дека ниту еден од нив не бил применлив на плоштадот, но од тие решенија тогашните власти го направија главниот проект. Целиот процес беше проследен со реакции, прво поради тоа што проектот не се презентираше во јавноста, потоа поради одлуката за поплочувањето да се искористи босански камен, а на крај, кога веќе почнаа работите на терен, се појавија сопственици на делови од плоштадот кои го бараа земјиштето назад. Поплочувањето го вршеа компаните "Пелагонија" и "Технометал". Откако се извади коцката следеа низа шпекулации дека е продадена за милиониски суми во странство. Имаше информации дека целата калдрма што е извадена се чува во посебен магацин. Според информациите на тогашните градски власти, од плоштадот биле извадени десет илјади квадратни метри коцка, од кои две илјади метри квадратни се искористени за најразлични скверови, мини плоштади, улици. За остатокот и тогашниот и сегашниот градоначалник тврдеа дека се чуваат во ЈП “Улици и патишта”. Пред околу четери години кога Трајановски најави враќање на калдрмата, поранешниот градоначалник Пенов сметаше дека коцката е треба да се врати на плоштадот Македонија. - Сметам дека не треба и не може да се врати калдрмата на плоштадот. Ова е двојно поголем проект од поплочувањето со гранит, а зачуваната калдрма е многу малку за да може да се покрие целиот плоштад кој сега е поширок, бидејќи ги нема старите тротоари. Таа калдрма беше оштетена и не можеше да се одржува, па затоа ја сменивме, а не сега истата да се враќа. Ќе треба да се употреби нова. Калдрмата е потешка за одржување затоа што бара повеќе мајсторија, а позгодна е за помали и покомпактни површини, не за големи, изјави Пенов во декември 2009 година. Новиот плоштад комбинација од калдрма, плочки и уште една фонтана Освен калдрма, новиот плоштад ќе се збогати со уште една фонтана која што ќе има 128 прскалки,  кои ќе се употребуваат само во летниот период. Фонтаната ќе биде со димензии 15×15 метри, а ќе биде поставена на просторот помеѓу Камениот мост и постојната фонтана. Градот Скопје веќе го објави тендерот за реконструкција на плоштадот и изгрдба на фонтаната. Предвидено е на плоштадот да бидат заменети канделабрите, клупите и кантите за отпадоци. -Постојните плочи на плоштадот делумно ќе бидат зачувани, а другите ќе бидат извадени и ќе се употребат на плоштадот кај црквата „Пресвета Богородица“. На местото на извадените плочи, при реконструкцијата на партерот на плоштадот „Македонија“, ќе биде поставена коцка, стои во образложението од Градот. Засега не е позната вредноста на инвестицијата. Како што соопштуваат од Градот  2/3 од парите ќе ги обезбеди Владата на Република Македонија и 1/3 ќе бидат од буџетот на Град Скопје. Не е познато ниту дали ќе се употреби старата коцка што пред седум години беше извадена, иако Трајановски во 2009 година изјави дека на местото на сегашните гранитни плочки, ќе се врати старата калдрма. Неизвесно е и како ќе се одвива реализацијата на овој проект, бидејќи пред извесен период градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски најави измени на деталниот урбанистички план Мал Ринг. Ј.С