Да се смират тензиите меѓу Грција и Турција, бара САД
Објавено во: Балкан 23 Јули, 2020
САД повикаа на смирување на тензиите меѓу Анкара и Атина во Источен Медитеран.
Тие се загрижени поради тензиите меѓу Атина и Анкара, откако Турција изрази планови да врши сеизмички истражувања и дупчења на морското дно недалеку од брегот на Кипар.
„Такви економски активности, како истражување на суровини, треба да бидат базирани на взаемно разбирање и пријателство“, изјави денеска Филип Рикер, заменик на американскиот државен секретар задолжен за Европа и Евроазија.
Вели дека Грција и Турција се членки на НАТО и треба да изнајдат заеднички јазик за решавање на територијалните спорови.
Тој ја повика Турција да не ја подгрева ситуацијата.
Водите околу островот Кипар, Грција ги смета како дел од својот континентален гребен, и активностите на Турција во регионот ги смета за „агресија“, со барање ЕУ да заземе став на „турската провокација“.
Германските медиуми пишуваат дека канцеларката Ангела Меркел неделава спречила воен судир меѓу Турција и Грција. Во Средоземното Море во вторникот имаше тензии меѓу Грција и Турција околу малиот остров Кастелоризо во близина на турскиот брег.