Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок
Објавено во: Колумни 15 Април, 2024
Рускиот министер за
надворешни работи, Сергеј Лавров, минатите денови беше во посета на Кина.
Според она што дојде од таму, од
неговите средби со кинескиот претседател Шји Џинпинг и неговиот колега Ванг Ји,
на средбите главни беа три теми . Прво, БРИКС и ШОС, како темел на
воспоставување на новиот мултиполарен свет, потоа подготовката на средба(и) на
рускиот претседател Владимир Путин со Џинпинг, на самитите на БРИКС и на ШОС,
како и по повод 75 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, по
кој повод можно е Путин да отпатува во мај во Пекинг и трето, координација
околу најавената меѓународна конференција за мир во Украина во Швајцарија.
На средбата со Џинпинг, на Лавров му е пренесено дека Кина е подготвена да ја зголеми стратешката координација со Русија во мултилатерални рамки за „промовирање на реформи“ во глобалниот систем. Кинеската државната телевизија CCTV ја цитира изјавата на Шји дека :„ „Кина секогаш придаваше големо значење на развојот на кинеско-руските односи и е подготвена да работи со Русија за да ја интензивира билатералната комуникација, да ја зајакне мултилатералната стратешка координација во групата БРИКС и Шангајската Организација за Соработка(ШОС), да покаже поголема одговорност, да ги обедини земјите од „Глобалниот југ“... и да промовира реформа на глобалниот систем на управување“.
Патувањето на Лавров доаѓа во време кога Пекинг и Москва ги зајакнуваат врските со земјите од „Глобалниот југ“, чекори кои нашироко се сметаат за обиди тие да се спротивстават на глобалниот поредок предводен од Западот. На прес-конференција со Лавров во вторникот, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ги повика САД и нивните сојузници да не ги „подаваат рацете“ кон азиско-пацифичкиот регион. „ Се спротивставуваме на сите мали кругови кои се ангажираат во блоковската конфронтација. НАТО не треба да ги пружи рацете кон нашиот заеднички дом… во Азија-Пацификот. Сите зборови или дела кои предизвикуваат поделба и конфронтација немаат иднина во азиско-пацифичкиот регион“, рече тој.
ИНКЛУЗИВНА ЕКОНОМСКА ГЛОБАЛИЗАЦИЈА
Лавров не остана покусур, па и тој го кажа она што ја боли Русија. „незаконските санкции“и „воените и политичките сојузи“ против Русија и Кина, за кои нагласи дека се обиди да се наруши мултиполарниот светски поредок. Тој потврди дека Русија и Кина ќе застанат „грб со грб, рамо до рамо“ против таквите обиди. „Нашите лидери… постојано ја истакнуваат решеноста на Русија и Кина да се спротивстават на обидите да се забави формирањето на мултиполарен свет, одамна задоцнетите процеси на демократизација и правда кои „чукаат на вратата“ на современиот светски поредок, рече Лавров. Во што беше поддржан од Ванг Ји. „ И Кина и Русија... се спротивставуваат на хегемонизмот и политиката на моќ, и се спротивставуваат на монополот на меѓународните односи од неколку земји“, рече Ји, додавајќи дека, „Кина и Русија ќе продолжат да се залагаат за инклузивна економска глобализација, заеднички се спротивставуваат на унилатерализмот, протекционизмот, градењето огради и делби и ќе работат заедно за одржување на стабилноста на меѓународната индустрија и индустриските синџири“.
Годинава претседавач со БРИКС е Русија. Самитот во октомври ќе се одржи во Казањ. Најавено е дека ќе се вклучат нови членови, а ќе има и нова категорија, земји партнери, Во Астана, Казахстан, во јуни ќе се одржи самит на ШОС. Идната година претседавач со ШОС ќе биде Кина. Веројатно ќе се направи обид за хармонизација, усогласување на агендите на Шангајската организација за соработка за прашањата за развојот на овој огромен евроазиски регион, од една страна, и програмите на БРИКС, кои ги промовираат истите идеали и принципи на глобално ниво, од друга. Или, како што велат во Русија, „промовирање на интересите на земјите од Азија, Африка и Латинска Америка во услови кога глобализацијата, создадена по западен модел, се деградира и целосно се дискредитира самата себе“.
Свртувањето на Русија кон Истокот и одењето подалеку од Западот се манифестира и во спортот и културата. Во Кина е разговарано и за тоа. Се подготвува меѓународен музички натпревар „Интервизија“, Евроазиска филмска награда и спортски настани. Во Казањ ќе се организираат „Спортски игри на БРИКС“. На нив се поканети над 60 држави, со учество на речиси 5.000 учесници. Во 30 дисциплини, а игрите ќе траат две недели. Ќе има и други културни и спортски настани, кои како што велат Русите:„ за разлика од некои други, ќе се потпираат на идеалите на олимпизмот, кои се вградени во Олимписката повелба и кои сегашното раководство на Меѓународниот олимписки комитет, ги презира и гази во корист на истите хегемони, кои се обидуваат да ја одржат оваа улога на хегемон со сите правди и неправди“. Освен одбележувањето на 75 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, кога би можело Путин да дојде во Пекинг, за идната година најавено е и заедничко одбележување и на 80 годишнината од победата над германскиот нацизам. При што се нагласува дека народите на „Советскиот Сојуз и на Кинеската Народна Република внеле решавачки влог во разгоромот на Германија и милитаристичката Јапонија“.
ЗЕМИ ИЛИ ОСТАВИ
Без внимание не беше оставена и економијата. Според рускиот министер, прашањата кои ги решаваат со Кина во сферата на економијата, трговијата, инвестициите, внедрување на нови технологии, директно се однесуваат на борбата за воспоставување на праведен повеќеполарен светски поредок, каде што нема место за диктат, хегемонија, неоколонијализам и колонијални практики, „кои сега со сите сили ги користат САД и остатокот од „колективниот Запад“, кој, несомнен,о се потчини на волјата на Вашингтон“.
Кина и Русија, според Лавров, ќе продолжат да ја бранат неопходноста да се поправи оваа ситуација во меѓународните економски односи, да се залагаат за демократизација на овие односи и враќање на принципите, кои некогаш беа прокламирани и се состоеја од потребата да се почитуваат пазарните процеси, фер конкуренцијата, неприкосновеноста на сопственоста, пресумпцијата на невиност и многу друго, што „Западот сега на најгруб начин го поткопува со своите практични чекори со воведувањето незаконски санкции против голем број држави, вклучително и Русија. Но, истата политика активно почнува да се применува и кон Народна Република Кина. Во тие рамки и во стремежот да се ограничат нејзините можности за економски и технолошки развој, и едноставно кажано, заради елиминирање на конкурентите“.
За во јуни во Шјајцарија е најавено одржување на меѓународна конференција за мир во Украина. Главен работен материјал, најверојатно, ќе биде планот на Украина од 10 точки. Планот е на неа да се соберат од 70 до 100 земји, кои би усвоиле документ, кој потоа би и бил даден на Русија да се изјасни. Во стилот земи или остави. За Западот и за Украина многу битно е на неа да присуствува и Кина. Но тука има еден мал проблем И Кина нуди свој план за мир во Украина од 12 точки. Ниту Западот, ниту Украина не сакаат да чујат за него. Кина се залага за конференција на која ќе има „еднакво учество“ на сите вклучени страни. Со други зборови учество и на Русија. Зашто без тоа нема да се постигне никаков резултат. Веројатно Кина и Русија сега ги координираа своите натамошни дејства. Во соопштението на руското МНР за посетата на Кина се вели:„ Страните разменија мислења во однос на можностите за решавање на украинската криза. Нагласена е залудноста на какви било меѓународни настани, кои не ја земаат предвид позицијата на Русија и кои се оттргнати од реалноста. Руската страна даде позитивни оценки за конструктивните чекори на Кина за изнаоѓање мирни начини за решавање на конфликтот“.
ЗАКАНИ ЗА КИНА
Што по сето ова? Западот внимателно ја следеше посетата на Лавров на Пекинг. Од САД стигнаа и директни закани за Кина. Американскиот заменик државен секретар Курт Кемпбел изјави дека Вашингтон ќе го смета Пекинг одговорен за напредувањето на руската армија на украинските територии! За само неколку денови неговите зборови станаа трето предупредување до Кина од американски официјални претставници. И американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерката за финансии, Џенет Јелен, која исто така, неодамна беше во Пекинг, и се заканија на Кина со „сериозни последици“, доколку се утврди дека Пекинг ја поддржува Русија во конфликтот со Украина. Треба да се напомене дека руско-кинеската соработка не е нешто ново. Па зошто Вашингтон сега го изразува своето незадоволство од развојот на односите меѓу Москва и Пекинг?
САД се загрижени од соработката на Кина со Русија, а веќе неколку месеци не прават ништо да помине во Претставничкиот дом помошта од 60 милијарди долари за Украина. Особено сега, кога украинската армија трпи порази, а се најавува и офанзива на Русија. Европа се труди да помогне, но и таа никако да се усогласи. Се јавуваат поединци со амбиции да водат војна со Русија, но пари даваат други европски држави. Се најавија еден милион артилериски гранати, но тоа тешко се остварува. САД очекуваа, од санкциите, Русија да падне на колена, а таа напротив има економски раст. Извозот на нафта и гас во Кина и Индија, иако со повластени цени го полнеше буџетот на Русија. Европа се откажа од рускиот гас испорачуван преку гасоводите, но на големо купува руски течен гас. И така го полни рускиот буџет. Западот, англосаксонскиот свет, пред се’, е свесен дека Русија и Кина со своето зближување го зајакнуваат создавањето на мултиполарен поредок, а со тоа ја уриваат и хегемонијата на Вашингтон. Се повеќе држави, кои ја осудија агресијата на Русија врз Украина, не воведуваат санкции кон неа, но ја осудуваат дволичноста на Западот, кој не го поддржува прекинот на огнот во Украина, туку го поттикнува, а САД не го поддржуваа ниту прекинот на огнот во Газа. Западот не гледа благонаклоно кон БРИКС, ниту кон ШОС. Зашто тие можат да бидат локомотиви кои ќе оддалечат многу држави од „Глобалниот југ“, од американската сфера на влијание. Се разбира не веднаш.
Развојот на економските односи меѓу Кина и Русија не почна преку ноќ. Русија, дури беше недоверлива кон кинеските иницијативи од типот „Појас и пат“. Недоверливоста полека спласнуваше, а војната во Украина само ги продлабочи односите. Некои велат дека Русија во моментов е вазал на Кина, но сигурно тоа не е така. Зашто на Кина и требаат се уште многу руски, пред се, воени технологии. Западот ова не може да го трпи и почна, покрај на Русија, да воведува санкции кон кинески компании. Кина не е Русија, па и таа не останува без одговор. Инаку се очекува проблемите на санкции кон Русија, оваа земја да ги решава преку БРИКС и ШОС. Таква е барем намерата. Ова и од причина што санкциите на Западот кон Кина, веќе имаат одраз и врз економските односи со Русија. На пример, кинески банки веќе блокираат плаќање од Русија на сервери, лаптопи и друга електронска опрема.
ПОТРАГА ПО МИР ВО ШВАЈЦАРИЈА
Германскиот канцелар, Олаф Шолц, утре треба да допатува во Кина, Една од точките на дневен ред, покрај економските односи ќе биде и војната во Украина и веројатно надежите за мир и убедувањето на Кина да присуствува на меѓународната конференција за мир во Украина. Но што ако Кина таму дојде со својот план и побара дискусија за него. Се разбира ако за такво нешто добила зелено светло од Русија. Што навистина не е за верување. Кина може да им ја расипе конференцијата, доколку нема да се разговара за нејзиниот план. Згора на тоа, таа до крај инсистира на конференцијата да учествува и Русија. Иако, оваа, пак, не ја смета Швајцарија за неутрална, туку за земја која се вклучила во коалицијата против Русија, бидејќи веќе има воведено западни санкции кон неа. Во Москва Швајцарија ја сметаа за земја која работи по „нарачка“ од САД и нивните сојузници. Оттука и цврстото решение да не се оди таму. Најверојатно и Кина нема да се најде меѓу учесниците, а заедно со Русија ќе работат што помалку земји од „Глобалниот југ“ да присуствуваат на конференцијата.
Што и да се кажува, тандемот Русија – Кина чекори напред и покрај незадоволството на Русија од нејзината положба во тандемот. Но војната си го прави своето и за тоа се плаќа цена. Така е и со Индија и Турција, на пример. И тие си ја наплаќаат цената во „поддршката“ на Русија во воени услови. Војната ќе заврши. А дотогаш, поради однесувањето на Западот, односите меѓу Русија и Кина постојано ќе се продлабочуваат. Ќе дојдат до ниво кога Западот ќе мора да го признае нивното присуство во меѓународните односи. Дека ќе има конкуренти. Во секој поглед. И ќе треба да води сметка како се однесува кон нив. Ако сака да има стабилност, тогаш прво што ќе треба да направи ја реформата на ОН. Се разбира со почит и кон ставовите на Кина и на Русија. Да се стави крај на сите повреди на меѓународното право. Да се заборават двојните стандарди. Едни да ги нарушуваат, а да обвинуваат други дека нарушувале. Се разбира ако може да се направи такво нешто в осегашни услови.
Деновиве во „ Форинаферс“ имаше една анализа од Александар Габуев од Карнеги фондацијата, прогласена во Русија за „странски агент“, насловена: „Несветата алијанса на Путин и Шји Џинпинг“ со поднаслов:„ Зошто Западот не може да забие клин меѓу Русија и Кина?“ Последната реченица од анализата е:„Размислувајќи за тоа како да се заштити европската и азиската безбедност, да се запрат климатските промени, да се управува со новите напредни технологии, како што е вештачката интелигенција и да се решат проблемите, кои стојат пред глобалната финансиска архитектура, западните политичари сега треба да водат сметка за реалноста на се поодлучната кинеско-руска оска“. Тие се тука околу нас. Не можеш да ги пратиш на Марс.
Мирче Адамчевски.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.