Дачиќ вели дека во Европа им се лутат затоа што употребуваат Македонија наместо ПЈРМ
Објавено во: Балкан 27 Декември, 2017
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ синоќа изјави дека во Македонија владее мислење дека Србија работи против таа држава без разлика што тоа е негирано повеќе пати.
Тој вели дека ги предупредуваат од ЕУ затоа што го користат терминот Република Македонија.
„Имаме проблеми во преговорите со ЕУ...Велат – мора ПЈРМ. Нѐ удираат по глава што ја признавме Македонија под нејзиното уставно име. Грците се лутат, ЕУ се лути, а Македонија гласа за Косово во УНЕСКО. Сакате да бидеме пријатели? Ќе бидеме, но тоа мора да биде обострано“ - изјави Дачиќ во интервју за телевизијата Хепи.
Според него, „само слеп човек може да верува“ дека е ставена точка на проблемите на Балканот.
„Дали се оддалечени проблемите поради кои почнаа војни на Балканот – не се. Ова е само интермецо меѓу некои нови судири, не поради Србите, туку поради нерешените прашања на Балканот. Ако големите сили тоа не го разбираат, тие прават проблеми, ќе се вртиме во круг“- рече тој.
Зборувајќи за притисоци на големи сили на држави кои не го признале Косово, Дачиќ директно ги посочи САД, Велика Британија и Франција.