Дачиќ за случајот со Живаљевиќ: Не може да ви пречат само српските претставници
Објавено во: Балкан 29 Мај, 2017
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ вели дека многу интересно е тоа што, како што пишуваат некои медиуми, во македонското Собрание во текот на нередите имало и претставници на други странски служби, но Македонија не ги повикала нивните амбасадори на разговор.
Тој нагласи дека амбасадорката на Србија во Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ, имала коректен разговор во македонското Mинистерство за надворешни работи, каде беше повикана поради присуството на Горан Живаљевиќ, советник во српската амбасада и офицер на српската разузнавачка агенција БИА, во Собранието на 27 април.
Дачиќ вели дека не се зборувало за мерки против него.
„Не забележав дека Македонија ги повика нивните амбасадори да ги праша што прават таму. Не може да ви пречат само српските претставници, а да не ви пречат американските, германските, француските и други“– рече Дачиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се труди да има најдобри односи со соседите, но и дека таа ќе се однесува со нив така како што тие се однесуваат со неа.
По разговорот во МНР, амбасадорката Дивјак Томиќ деновиве не сакаше да даде изјава, само кусо кажа дека она што треба веќе е кажано, а од МНР истакнаа дека ваквите настани не придонесуваат за доверба и добрососедски односи.