Дали Тања Фајон има „магична формула“ со која Бугарија ќе го крене ветото?
Објавено во: Балкан 21 Јуни, 2022
Словенија излезе со документ за Западен Балкан, во кој се споменуваат и македонските евроинтеграции.
Словенија во својот нов документ кој денеска го достави до ЕУ, има „магична формула“ за Бугарија да се откаже од ветото за да може да почнат пристапните преговори за Македонија и Албанија. До документот пристап имаа од Еурактив. Земјата ќе се заложи Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус, а Косово да биде ослободено од визи за Унијата.
„За Северна Македонија и Албанија, клучно е да најдеме договор“, рече Тања Фајон, словенечката министерка за надворешни работи, за Еурактив.
Таа го повикува француското претседателство со ЕУ да направи последен обид и „да најде „магична формула“ со Бугарија за да се откаже од ветото и да продолжи напред“.
Словенечкиот предлог предвидува дека по добивањето на кандидатурата и пред отворањето на разговорите за пристап во ЕУ, БиХ ќе треба да усвои три закони, за судскиот совет, за спречување на конфликт на интереси и закон за јавни набавки.
Босна и Херцеговина поднесе барање за членство во ЕУ уште во февруари 2016 година. Европската комисија го усвои своето мислење (avis) за апликацијата за членство на земјата во ЕУ во мај 2019 година, идентификувајќи 14 клучни приоритети што земјата треба да ги исполни пред да може да ги отвори преговорите за пристап во ЕУ.
За францускиот предлог за кревање на бугарското вето во Македонија има многу критики и барање власта да го отфрли. Но, власта се воздржува од коментари.