„Данас“: Заев и новата македонска Влада се закана за националната безбедност на Србија
Објавено во: Балкан 27 Ноември, 2017
За белградскиот опозициски весник „Данас“, Зијад Бечировиќ, директор на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии во Љубљана вели дека во Македонија ќе има „нов удар врз Зоран Заев и демократски избраната Влада, како таа ќе се приближува до полноправно членство во НАТО и кога ќе стане јасно дека ќе бидат притворени главните актери од поранешниот режим, двоецот Никола Груевски-Сашо Мијалков и другите лица од ВМРО-ДПМНЕ“.
Појаснувајќи ја неговата неодамнешна изјава дека „покрај БиХ, и Македонија е посочена мета на Александар Вучиќ, кој подготвува голем удар врз Македонија и Зоран Заев“ Бечировиќ за „Данас“ одговори дека „бранот на промени, што почна во Македонија, неизбежно ќе ја зафати и Србија и регионот, и затоа Зоран Заев и новата македонска Влада се закана за националната безбедност на Србија“, додавајќи дека до ова ќе дојде бидејќи „режимот на Вучиќ е најсличен со режимот на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Откако режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ беа дефинитивно поразени на неодамнешните локални избори, следи демонтажа на режимот, која ќе треба да ги открие бројните врски и сличности меѓу режимот на Груевски и режимот на Вучиќ. Каде и преку кого исчезнаа најмалку пет милијарди евра? Многу од сето ова упатува дека дел од повлекувањето или од трансферот на пари минувал и преку Белград, односно преку луѓе од режимот на Вучиќ. Победата на коалицијата околу СДСМ и изборот на Зоран Заев за премиер на Македонија ги измешаа плановите на режимот“ - изјави Бечировиќ.
Вели дека со растурањето на две мултиетнички држави, како што се Босна и Херцеговина и Македонија, сметаа дека ќе дојде до геополитички промени во регионот и создавање на нови граници, со што приказната за членство во НАТО ќе стане бесмислена.