ДИРЕКТНА И НЕПОВРАТНА ПОМОШ ЗА ТРАНСПОРТОТ, ТУРИЗМОТ И УГОСТИТЕЛСТВОТО - 15 конкретни барања од ССК
Објавено во: Македонија 20 Јануари, 2021
Државната поддршка да се спроведува континуирано, да се дефинираат протоколи за работа на сите дејности и да се обезбеди директна, неповратна помош за превозот, за туризмот, за угостителството, за сметководството, за едукацијата и за установите за згрижување деца како најзагрозени сектори кои во изминатиот период беа целосно затворени, а сега се наоѓаат во многу критична состојба и бројат намалени доходи од 70 до 100 проценти, бара Сојузот на стопански комори (ССК).
„Сите мерки на ССК се предлози зад кои стои соодветна аргументација. Донесени се врз основа на анкета меѓу компаниите, а целта е да се помогне на приватниот сектор да опстане и да ги зачува работните места. Она што го знаеме до овој момент од медиумите е дека се подготвува некаков драфт, а како и кога ќе ги вклучат овие предлози од деловната заедница не знаеме“, истакна Арсовска и додаде дека е клучно, независно за каква помош и да се работи, таа да биде едноставна, лесно и брзо достапна и да се даде веднаш.
Првите две мерки што ги предлага ССК се однесуваат на продолжаување на поддршката од 14.500 денари за плати и бескаматните кредити преку Македонската банка за развој. Се бара и можност за репрограмирање на обврските од активни кредитни побарувања.
Арсовска ја потенцираше важноста од донесување на мерки со кои ќе се укине аконтативното плаќање данок на добивка, каматата за задоцнето плаќање данок и други давачки кон УЈП до крај на годината, како и да се одложи рокот за поднесок на ДДВ извештаи.
„Предлагаме и одложување на роковите за поднесок на годишна сметка и финансиски извештаи до 30.04.2021 во хартиена, односно 15.05.2021 во електронска форма. Овие мерки не преставуваат директна финансиска помош, но се важни бидејќи значително ќе ги олеснат условите во кои работи реалниот сектор. Меѓу клучните барања е преземање на одлучна акција за справување со сивата економија од нерегистрираните субјекти. Со оваа акција се постигнува двоен ефект, прво се обезбедуваат дополнителни финансиски приходи во буџетот од неформалната економија која има учество од 40 отсто во економијата и затајува даноци во износ од третина од националниот буџет, второ ќе се подобри деловното окружување за регистрираните субјекти кои во овој момент се во тешка состојба“, рече Арсовска.
„За претпријатијата во угостителството, неопходно е да се направи израмнување на данокот на додадена вредност на сите услуги и производи на даночната стапка од 10 отсто, а претпријатијата од секторот туризам бараат намалување на данокот на додадена вредност од 18 на 10 проценти“, посочи Арсовска.
Според ССК, градежниот сектор како еден од двигателите на македонската економија, може да придонесе за подобрување на солвентноста на буџетот на централните и локални власти, доколку му се овозможат услови за работа преку повлекување на градежните мораториуми и овозможување планско градење согласно урбанистичките и еколошките стандарди.
ССК уште еднаш апелира на потребата од засилена борба протв сивата економија.