Дизајнот на ентериер како професија, а не хоби: Интервју со Елена Мартиновска
Објавено во: Мои пари 18 Декември, 2018
Нејзиното студио „Метатет“ постои веќе шест години и таму го наоѓа своето креативно задоволство. Со голема љубов, архитектката Елена Мартиновска зборува за проектантското студио, за архитектурата и дизајнот, како и за проблемите со коишто се соочува еден архитект во денешно време во Македонија.
Колку време постои студиото, со какви проекти се занимавате?
- „Метатет студио“ проектантско биро со „Лиценца Б“ за проектирање е оформено во 2012 година. Денес сме тим од тројца архитекти и неколку надворешни соработници, се надеваме ќе бидеме уште повеќе. Се занимаваме со архитектура и со дизајн на ентериери и мебел на секаков тип објекти станбени, комерцијални, угостителски и други.
Кој дел од вашата работа најмногу го сакате?
- Осветлувањето. Кога повторно би се запишала на факултет, би сакала да учам за осветлување во архитектурата затоа што искуството ми покажа дека крајната слика на проектот ја дава токму тоа. За жал, таков факултет немаме во близина поради што се обидувам мојата амбиција да ја реализирам со тоа што секој проект почнувам да го решавам со електриката, па потоа плочки, столарија, декор и слично. Во практика ми се покажа дека проектот ми е поуспешен доколку успеам да го убедам клиентот дека треба да се планира буџет за осветлувањето и да се придржуваме барем за тој дел од проектот.
Кој е вашиот омилен сработен проект?
- Омилениот проект од ентериерите ми е Приватен стан бр.8 на веб-сајтот на „Метатет студио“, за кој инвеститорот ми ги довери буџетот и клучот.
А, од областа на архитектурата хотел-ресторанот Дениција, каде што, исто така, имав целосна слобода во дизајнот и во изборот на материјали.
Дали кај домашните инвеститори е разбудена свеста за ангажирање архитект-дизајнер?
- Да, во последните години тоа многу се забележува, пред сè по тоа што на социјалните мрежи има многу дизајнерски студија и независни дизајнери кои објавуваат фотографии или 3Д визуализации од своите проекти, што укажува на тоа дека можеби не секој што купува простор може да си дозволи, ама барем знае да ја воочи разликата како би го уредил ентериерот ако ангажира стручно лице и ако би уредувал по свој вкус, по што барем ќе побара решение.
Колку е исплатлива професијата дизајнер кај нас?
- Според тоа што имаме многу барања за понуди, може да се каже дека оваа професија во Македонија, па и на Балканот, може да биде исплатлива доколку проектите имаат разумен рок. Меѓутоа, во 90% од случаите инвеститорот ангажира дизајнер, почнуваат со процесот на осмислување и опремување на просторот и од најразновидни причини одеднаш тој „не се брза“ бидејќи има каде да живее и поминуваат една, две, а понекогаш и три години. Во таквите случаи исплатливоста на проектот се намалува и сведува на минимум.
Исто така, по подолг временски период се намалува квалитетот на проектот бидејќи се бега од концептот, времето поминува, излегуваат нови трендови и, едноставно, застарува идејата. Кога би траеле до три месеци, тогаш би имало и поголема наплата и повеќе сработени проекти.
Дали ви оставаат слобода во креативниот процес?
- На почетокот да, односно додека сѐ е на хартија и на тендер. Тоа, во принцип, е за да видат како ние би го осмислиле просторот, со насоки за стил, буџет и слични ограничувања, секако. Потоа, кога ќе почне процесот на опремување, шетањето по салони, разговорите со пријатели и колеги, и, пред сè, пребарувањето на апликацијата Пинтерест, настанува недоразбирањето, односно убедувањето дека тоа се шоурумови со висок плафон и со светло за фотографирање и слично, па и несфаќањето дека тоа не може да изгледа на тој начин во стан од 70 м2 со три спални соби и со висина од под до плафон 2,76 метри. Поради тие причини, мислам дека во текот на студиите треба да имаме предмет психологија бидејќи многу пати се наоѓаме во ситуација кога сфаќаме дека ние сме само алатка за вселување, што и не е погрешно бидејќи на крајот од денот нашиот клиент е тој што секојдневно ќе ја гледа сликата од заедничкиот резултат.
Како и да е, со повеќе или помалку напор, успеваме да најдеме заеднички јазик и да креираме простор којшто ќе биде референца за нас, а секојдневие на нашиот клиент.
Кој е најтешкиот дел од работата?
- Најтешко е да се постави граница меѓу проект и изведба. Таа граница никогаш нема да биде прецизна поради тоа што нештата се појасни кога се реални. Секој материјал впива и рефлектира светлина со различен интензитет, што ја менува сликата на сцената во просторот. Ние при моделирањето водиме сметка на сите параметри, меѓутоа секогаш ќе има разлика меѓу 3Д виуализацијата и реалноста. Исто така, како што претходно кажав, дел од проектите траат многу долго, излегуваат нови трендови и се менуваат вкусовите, па затоа многу често сме активни и при изведбата за да се осигураме дека вграденото е исто со тоа што е замислено.
Исто така, очекуваат дека ние ќе бидеме присутни во текот на процесот на опремување со секој мајстор цело време за да ги исправиме грешките што ќе се појават при работата, што за нас реално е невозможно.
Може да се каже дека еден од проблемите што ни се јавуваат при работата е тоа што ние нудиме услуга, а не производ. Многу од клиентите очекуваат дека ние ќе дојдеме да го видиме објектот, ќе дадеме решенија, па доколку им се допаѓа нешто од предложеното, ќе ни платат и ќе работиме. Доколку би давале идејни решенија на секој што би побарал понуда, тогаш би ни се намалил бројот на целосно сработени проекти. Многу често поставуваното прашање е: „Што ако не ми се допадне тоа што ќе го нацртате за мене?“. Па, тогаш што ако на фризер ви ја потстрижат косата како што не сакате?
Што е разликата помеѓу архитект и дизајнер на ентериери?
- Реално, за овие две професии се потребни различни дипломи. Архитектот се стекнал со титулата дипломиран инженер архитект и би требало да проектира објекти, да ја решава функцијата и да ја декорира фасадата, односно со своето дело да остави печат за себе и да го оформи идентитетот на објектот. Дизајнерот на ентериери е дипломиран инженер за дизајн на мебел и на дрво, којшто треба да го дооформи просторот што го креирал архитектот.
Меѓутоа, кај нас се случи националната катастрофа наречена „Скопје 2014“ поради која се потрошија сите шанси на македонските ентузијасти архитекти од сегашните генерации да се изразат и да направат нешто уникатно и добро за македонската архитектура, па затоа се изместија работите: сите тие објекти што никнаа во центарот на главниот град ги изградија без име, лице и идентитет, а ние архитектите им ја зедовме работата на шумарските инженери. Се прашувам чија работа зеле тие?
Ние во текот на нашите студии имавме само еден предмет за ентериер. Кога ги зедовме дипломите, како фрлени во оган, не знаејќи ја разликата меѓу иверка и медијапан, сите тргнавме да цртаме кујни, плакари и гипскартонски плафони, да избираме гарнитури, теписи и завеси мислејќи дека работиме архитектура, а заборавивме да размислуваме пошироко од четири ѕида. Замислете да имаше конкурси за секој капитален објект што се изгради и да беа изложени сите што учествуваат. Тогаш можеби ќе бевме рамо до рамо со Дефанс во Париз, со кој, како во многу европски метрополи за да се задржи автентичноста на историјата на архитектурата, се одбра нова локација исклучиво за модерната архитектура. Или барем само да видевме кој што ќе смислеше за фасадите на министерствата, судовите, Владата итн.
Од друга страна, пак, не се само капиталните објекти лицето на градот. Последниве години, со градежната експанзија, приватните инвеститори изградија и продолжуваат да градат толку многу еднолични објекти водејќи сметка само за нето-површината што ја продаваат. А, што е со лицето на објектот што сите ќе го гледаме со децении? Со чесни исклучоци на неколку проектантски бироа што се погрижија за оваа проблематика, другите што имаа можност да направат обележја со своите објекти ја занемарија таа моќност бидејќи и така архитектите што им ги узработувале проектите се на месечна плата и после ќе треба да се занимаваат со поместување ѕидови и инсталации на секој што ќе купи стан, па не останува енергија и за дизајн на фасада.
Какви проекти се предизвик за тимот на Метатет?
За нас секој проект е предизвик бидејќи во секој гледаме да оставиме печат со нешто уникатно и креирано само за конкретниот простор. Инаку предизвик би ни било да креираме цел станбен блок на објекти, трговски центар, фабрика, образовна институција и сѐ друго што не сме правеле до сега.
Што би смениле кога би имале моќ?
- Би вовела ценовник на услугите што ги нуди едно проектантско биро, како и бодување на CV. Што значи дека секој архитект би имал своја цена според својот капацитет и секој инвеститор би знаел од каде да побара понуда. Така би било полесно за двете страни и на сите ќе им биде појасно дека оваа професија е работа, а не хоби.
Дел од нашето портофлио можете да погледнете во галеријата подоле, како и на нашите Facebook и Instagram профили.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.