19 Март, 2024
0.0277

Економски аспекти на однесувањето на потрошувачите

Објавено во: Колумни 23 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Економската теорија го даде првото научно објаснување за однесувањето на потрошувачите на пазарот. Најстарите објаснувања поаѓаат од констатацијата дека на пазарот се среќаваат хомогени купувачи кои се однесуваат на предвидлив начин. Човекот - потрошувач се набљудува како рационален купувач кој располага со целосни информации за пазарот и настојува да ја максимизира очекуваната вредност за потрошените пари, труд и време. Потрошувачот се определува за купување на оние производи и услуги кои ќе му донесат  “најголема“ сатисфакција. Цената се зема како најзначаен фактор за мотивација на потрошувачот. Потрошувачот, врз основа на расположливите информации, врши споредба меѓу хомогени производи и се одлучува за понудата со најниска цена. Гледано во тој контекст, изборот на потрошувачот е предвидлив и  истиот се стреми кон максимизација на вредноста .

Меѓутоа подоцна се покажа дека купувачите се разликуваат во своите желби и потреби и дека тоа е иманентна карактеристика на пазарот на купувачи. Понудата е хетерогена, а информираноста на потрошувачите е поголема денес, отколку во   времето на настанување на првите економски објаснувања на однесувањето на потрошувачите. На современиот пазар се среќаваат хетерогени сегменти на понудата и хетерогени сегменти на побарувачката. Покрај цената, врз однесувањето на потрошувачите влијаат и други фактори како што се доходот и неценовните фактори (квалитет , услуги , промоција и сл.) кои исто така треба да се истражуваат ако се сака да се добие поцелосно објаснување на тоа однесување. 

Битна карактеристика на економските теории е што тие се засноваат на бројни претпоставки во врска со однесувањето на потрошувачите . Главни претпоставки се:  рационално однесување, преференции, информираност, буџетски ограничувања и незадоволени потреби

Се поставува прашање колку овие претпоставки се реални, т.е. дали сите потрошувачи се однесуваат рационално, дали се еднакво информирани, дали располагаат со приближно исти финансиски средства и сл. Некои од овие претпоставки изгубиле во своето значење со вклучувањето на социолошкото и психолошкото објаснување на однесувањето на потрошувачите. Сепак, наведените претпоставки претставуваат солидна основа за развој на современите економски теории за однесувањето на потрошувачите.

На објаснувањето на економската теорија за однесувањето на потрошувачите се ставаат бројни забелешки. Од посебно значење за маркентингот е забелешката дека економската теорија не е доволно операционална. Имено, моделот на економско однесување е нормативен модел . Во фокусот е одговорот на прашањето како треба да се однесува потрошувачот на пазарот. Маркетингот е заинтересиран да добие одговор на прашањето зошто потрошувачот така се однесува на пазарот или барем одговор на прашањето како купувачот навистина се однесува. Економското објаснување е насочено  кон однесувањето на потрошувачите во моментот на купување, додека маркетингот е ориентиран и кон факторите кои влијаат потрошувачот да се појави на пазарот.

Објаснувањето на економската теорија е повеќе насочено  кон производот, отколку кон потрошувачот. Особено внимание им се придава на цената и доходот, а карактеристиките на личноста и инструментите на маркетинг миксот се запоставени. Економското објаснување на однесувањето на потрошувачите, пред се, е ориентирано кон поединецот. Запоставени се влијанијата меѓу групите и нивното влијание врз однесувањето на потрошувачите.


д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?