ФОТО+ВИДЕО: Нови протести во САД против Трамп
Објавено во: Свет 11 Ноември, 2016
Илјадници луѓе, меѓу кои и многу студенти повторно протестираа во неколку американски градови против изборот на Доналд Трамп за претседател, пренесоа светските агенции.
Околу 300 лица одржаа протест во Балтимор, извикувајќи го слоганот „Тоа не е мојот претседател!" и веејќи: транспаренти на кои пишуваше „Јас не сум ја избирал омразата да ја предводи претседателската функција". Според податоците на локалните медиуми две лица се уапсени во овој протест.
Демонстрации имаше во Чикаго и Далас. Во Денвер во протестот учествуваа околу 2.000 лица.
„Доналд Трамп е расист. Тој ги нападна имигрантите и муслиманите" - вели Памела Кампос една од учесничките во протестот.
Во Њујорк околу 200 демонстранти против Трамп се собраа на Вашингтон Сквер.
Во Портланд во Орегон локалната полиција соопшти дека демонстрациите против Трамп прераснале во нереди. Демонстрантите, вооружени со камења земени од градилиштата уништија најмалку 19 автомобили.
Во Минеаполис околу 1.000 демонстранти го блокираа меѓудржавниот автопат за еден час и предизвикаа метеж.
Демонстрации имаше во многу други градови на САД.