ГРЧКАТА ТВ СТАР ЗА ИМЕТО НОВА МАКЕДОНИЈА: Дали и за кого предлогoт е прифатлив?
Објавено во: Балкан 12 Декември, 2017
Во грчките медиуми има анализи кои укажуваат дека најприфатлив предлог за да се реши спорот со името е Нова Македонија. Грчката ТВ Стар во централното издание на вестите објави кратка анализа во која објаснува дека доколку Скопје се согласи на овој предлог, тоа ќе ги отвори вратите за решавање на прашањето во првата половина на 2018 година.
Телевизијата потсетува и дека во т.н пакет Пинеиро од 1992 година предлогот на Грција бил Вардарска Македонија, но подоцна тој не е прифатен. Според телевизијата, географската одредница Северна Македонија не била прифатлива за грчката и за бугарската страна и се смета дека со тој предлог нема да се реши прашањето со иредентизмот.
Стар коментира дека сега прашањето е како предлогот ќе помине во грчката Влада особено кај Панос Каменос коалицискиот партнер на премиерот, Алексис Ципрас кој досега остро се противеше зборот Македонија да стои во името на северниот сосед. Што се однесува на Парламентот и опозициската Нова демократија, Стар го пренесува очекувањето на Ципрас дека тоа нема да биде проблем затоа што предлогот ќе биде прифатлив за некои опозициски пратеници со што ќе се овозможи да помине во законодавниот дом.