ХРВАТСКИ БРОДЧИЊА ВО ПИРАНСКИОТ ЗАЛИВ: Дали ова ќе создаде криза во ЕУ?
Објавено во: Балкан 30 Декември, 2017
Три хрватски рибарски бродчиња, со полициска придружба, утринава испловиле да ловат во спорните територијални води на границата меѓу Хрватска и Словенија.
Веста ја пренесоа хрватските медиуми. Хрватските бродчиња отпловиле да ги соберат мрежите кои во петокот ги оставиле во морето, и се вратиле во своите пристаништа со уловот. Словенија вчера најави дека ќе почне да ја имплементира одлуката на арбитражниот суд според која спорните води во Пиранскиот залив, кој Хрватска го вика Савудриска вала, и припаѓаат на Словенија.
Во петокот имало неколку случаи во кои словенечки бродови влегле во спорната област, а хрватските патролни бродови ги предупредиле словенечките бродови да се повлечат.
Хрватска одбива да ја прифати одлуката на арбитражниот суд, кој со години го разгледуваше ова прашање и на крајот реши во полза на Словенија. Словенија вчера упати дипломатска нота до Хрватска со која бара дијалог за имплементирање на арбитражната одлука, која властите во Љубљана ја сметаат за конечна.
Германскиот весник Ди Велт предупредува дека спорот меѓу Хрватска и Словенија околу Пиранскиот залив, може да предизвика криза во Европската унија. Кризата меѓу двете земји ескалираше неделава, откако Словенија почна да ја применува арбитражната одлука и да ги протерува хрватските бродови од пограничните територијални води кои ги смета за свои.