01 Ноември, 2024
0.0319

Интервју Наумовска Грнарова: Како изгледа да се биде менаџер во Завар Компани?!

Објавено во: Мои пари 31 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Интервју  со Марта Наумовска Грнарова, менаџер во Завар Компани и Претседател на Асоцијацијата на метална и електро индустрија. Фактор: Вие сте менаџер во Завар Компани – водечка компанија за заварување и сектор на процесна индустрија како и генерален менаџер на Завар Дизајн – бренд на дизајнерски радијатори. Кои се одговорностите со што се среќавате секој ден, и какви предизвици носи Вашата работна позиција?

-Одговорностите  на некој начин си ги задавме и дефинираме самите и зависат од зацртните цели. Креирањето на компаниската стратегија и нејзината реализација се моите главни задачи кога зборуваме за Завар Компани. Како што одамна зацртавме дека сакаме да бидеме глобален играч во полето на процесната индустрија тоа подразбира постојано пратење на светските трендови, постојана посета на саеми, посета на клиенти , потрага по нови проекти, стратешки одлуки во однос на развој и инвестиции, краткорочни и долгорочни планирања на ресурсите, креирање на услови за реализирање на зацртаната стратегија, секојдневно решавање на понекогаш и банални проблеми, кои за жал се составен дел од работата.

Photo MAMEI 2

Како и на секој генерален менаџер главна одговорност е да се грижиш компанијата да создава вистинска вредност која ќе обезбеди одржливост на долги патеки, ќе произведува квалитетни производи по конкурентни цени и ќе произведе среќни вработени. Кога си мал и доаѓаш од мала средина како нашата гледано во глобални рамки секако дека предизвикот е уште поголем но и задоволството од резултатите е непроценливо. Кога кажувам мал тука не сум водена од никаква малодушност туку реалност окарактеризирана преку располагање мал број на ресурси, и човечки и финансиски споредено со било која слична компанија во светот.

Тоа што најмногу ме води и мотивира е потребата од секојдневно докажување дека нема препреки кои не можат да се совладаат и дека секогаш може подобро од вчера.

Самокритичноста, учење од сопствените грешки и брза реакција кон промени се најважните елементи кои овозможуваат напредок и позитивни промени. Најголемиот предизвик е како личните критериуми да ги пренесеш на сите нивоа во компанијата и тоа да го изградиш на ниво на компаниска култура и код на однесување.

Живеењето со својот бренд и заедничкото дишење и растење е вистинската среќа, предизвик и задача на секој генерален менаџер.

Фактор: Брзината и прогресот на светскиот пазар ве тера и овозможува брз развој на нови производи, освојување на нови маркети и инвестиции на најсовремена технологија. Zavar Company како компанија која е ориентирана на извоз кон светскиот пазар, колку лесно се прилагодува на новите промени?

Photo Marta Naumovska Grnarova

-Долгогодишната посветеност на стратешката определеност на Завар Компани кон извоз   доведе до нејзина потполна реализација последниве години со над 90% извоз.

Визионерство , флексибилност и способност за преживување, можеби најкраткиот начин да се објасни нашиот пат сите овие  дваесет и девет години на постоење и градење на компанијата. Основен предуслов е да се пратат светските трендови во економијата и технологијата и да се предвидат идните случувања во сопствената индустрија. Потоа следи потешкиот дел, а тоа е цел систем од акции и активности на прилагодување на самата компанија – луѓето, технологијата, системот на работа. Најважно е никогаш да не се опуштиш и постојано да си во грч и насочен кон промени. Тоа и го очекуваат од нас нашите клиенти, заедно со беспрекорност во перформансите на производите и максимална посветеност да им се излезе во пресрет на нивните барања.

Новите технологии секако дека ни се достапни и неопходни за да ја задржиме конкурентната позиција но многу често недостатокот на одредена машина го надоместуваме со иновативно решение во рамките на она со кое располагаме.

Минатата година успешно завршивме еден голем инвестициски циклус при што главен акцент дадовме на новите технологии и автоматизирани ЦНЦ машини, но во исто време и во енергетска ефикасност и заштита на околината. Портфолиото на сертификати и стандарди се трудиме секоја година да го збогатиме со нови што секако е еден од главните фактори кои ни ги носи странските клиенти постојано.

Вложуваме континуирано и во едукација на луѓето, почнувајки од менаџерскиот тим кој секоја година го надградува своето знаење во различни актуелни области па се до сите нивоа и позиции во компанијата.

Недостатокот од финансии особено кога се работи во инвестирање и развој на нов производ и уште повеќе неговата понатамошна промоција и продажба го зема својот данок понекогаш, но и во овој случај секогаш помага иновативноста во пристапот и начините на промоција. Во овие ситуации се бориме со факторот време и компромисот го наоѓаме во тоа што инвестираните средства ќе се вратат на подолг рок.

Фактор: Дел сте од многу јавни и познати проекти во областа на лесната метална индустрија и дизајнирањето. Може ли од вашето севкупно работно искуство да ни споделите дел од идеите и реализацијата на тие проекти?

-Јас сум поддржувач на девизата дека кога нешто ни недостасува наша обврска е да се вложиме и самите да создадеме услови за тоа да се случи. Така после осум години интензивна работа со брендот Завар Дизајн во недостаток на простор за вистинска промоција на дизајнот бев поканета да учествувам на првата Скопска Недела на дизајн.

Веднаш сфатив дека е тоа просторот кој изминатите години ни недостасуваше на сите нас кои се бавиме со дизајн и веднаш решив да  дадам мој личен придонес и напор за да се издигне на едно повисоко ниво и да се етаблира како редовен и квалитетен настан.

Годинава Скопје Неделата на дизајн ќе го има своето шесто издание во последната недела на ноември и сум среќна што успеваме секоја следна година да обезбедиме актуелни и нови содржини и да го задржиме вниманието на многубројната публика.

Најважно од се е дека во Македонија веќе се етаблира дизајн сцената, се работи на подобрување на дизајн едукацијата и секојдневно се создаваат нови брендови. Многу реализирани работилници, предавања, проекти, соработки со странски дизајнери, соработки со компании се случија во изминативе години.

Photo MAMEI 1

Би го издвоила последниот проект на кој што работам заедно со професорите и студентите од Европскиот универзитет во Скопје, а е дел од еден поширок Европски проект кој паралелно се одвива и во Хрватска и во Австрија и е прв проект воопшто кој се занимава со дизајн едукација. Целта на проектот е да се направи студија која и од теоретски и од практичен аспект ќе произведе заклучоци и препораки, базирани на искуствата од три различни европски земји, како да се развива и подобри образованието за дизајн. Досега со студентите дефиниравме производ, направивме анализа на три различни пазари и според добиените резултати се дизајнираа производите. Секој студент изработи макета во природна големина а во периодот кој претстои ќе се одберат најдобрите дизајни и ќе се премине во следната фаза за изработка на прототипови. Потоа студентите ќе имаат задача да формираат цени и да работат на продажбата на самите производи. На крај на проектот на заедничка изложба ќе бидат претставени дизајните на студентите од сите три земји а на завршната конференција ќе бидат разменети искуствата и ќе се донесат заклучоци и идни препораки.

Фактор: Вие сте претседател на Асоцијацијата на метална и електро индустрија која има за задача да ги обедини домашните компании од овој сектор во една организација. Која е целта на организацијата и кои од нашите компании се членови на МАМЕИ?

-МАМЕИ е уште една од моите секојдневни активности која е исто така произлезена од потребата да се создаде тоа што ни недостасува: во овој случај тоа беше една нова, млада, флексибилна организација, која ќе ги обедини сите компании од лесната преработувачка индустрија кои се модерни, проактивни и извозно ориентирани, заради заедничко растење, пристап до нови пазари и проекти, но и зголемена меѓусебна соработка.

После пет години успешна соработка со SIPPO кои многу помогнаа за развивање на извозните капацитети на Завар Компани, беше дијагностицирана потребата од постоење на здружение кое ќе продолжи да работи на јакнење на извозните капацитети на македонските компании. Мене ми беше доверена довербата да го оформам тимот и да ја започнеме целата приказна. Покрај Завар Компани основачи на асоцијацијата се и Раде Кончар ТЕП, Македонија Експорт и Те-Те Пласт. Наши активни членови се исто така Ариље метал, РЖ Институт, Свемек, Брако, Екотип, Братство Охрид, Вурт Македонија и многу други.

Во досегашната двегодишна работа реализирани се најразлични проекти во правец на реализирање на задничките цели. Еве некои од нив: оформена е дата база на сите компании од металопреработувачката и електро индустријата во Македонија, остварени се многу билатерални средби помеѓу компаниите и странски партнери, остварени се соработки со сите државни институции и организации кои се занимаваат со извоз и странски инвестиции, изработена е софтверска платформа за организирање на бизнис – ту- бизнис средби, организирано е зедничко претставување на компаниите членки на саемот во Хановер 2015 година, учество на најголемиот бизнис форум во Германија за земјите од балканот – Иницијатива за набавка Западен Балкан 2015 и 2016 година, проследени се стотици барања од странски компании за конкретни проекти, вмрежување во интернационални организации и платформи за барање на добавувачи, проекти за градење и обука на кадри, проекти за развој и дизајн на производи.

МАМЕИ станува сигурен партнер кога се работи за брза и ефикасна услуга за поврзување на компаниите и полека почнува да остава свој белег во севкупното подобрување на работењето и растот на компаниите во лесната метална индустрија.

Фактор: За првпат во Македонија се организира конференција за вмрежување на компаниите од лесна метало-преработувачка индустрија со странски купувачи. За каква точно конференција станува збор и кои се придобивките за учесниците на овој настан?

-Конференцијата насловена како Macedonia Manufacturing Expo е остварување на една од нашите клучни цели уште од самото формирање, но истовремено и заокружување на долгогодишната одлична соработка со нашите партнери: USAID – проектот за експанзија на мали бизниси кофинансиран од владата на Швајцарија, Invest Macedonia- Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ АСИПИРМ, и поддржувачи: Амбасада на кралството Холандија во Македонија, Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони - ТИРЗ , AHK – Македонско-Германско стопанско здружение, Американска стопанска комора во Македонија  AMCHAM.

Организирањето на билатерелни средби на кои ќе учествуваат сите заинтересирани домашни компании за поврзување со странски купувачи кои се во потрага по нови добавувачи беше една од главните задачи кои си ги поставивме на самиот почеток.

Организацијата на еден ваков настан е скапа и обемна работа и на наша голема среќа и задоволство стана можна  благодарение на нашите партнери и соработката која ја развивавме во изминатиот период .

Тоа што е карактеристично за оваа конференција и што ја прави прва од ваков вид е тесната специјализираност за лесна метална индустрија и присуството на странски компании  со конкретни барања, спремни веднаш да почнат со соработка во случај да им се понуди вистинската партнер компанија. Веќе се регистрирани и потврдени со свое учество компании како Сименс, Ван Хул, Амфенол, Спесима, Скаутби и многу други.

Како дел од конференцијата ќе постои и Експо катче каде со мини штандови ќе бидат претставени македонските компании. На тој начин, покрај конкретните состаноци кои се организираат преку B2B платформата, компаниите ќе имаат можност да се претстават и на сите заинтересирани учесници.

Регистрацијата е сеуште отворена и повикани се сите заинтересирани компании од лесната металопреработувачка индустрија бесплатно да се регистрираат.

За повеќе информации и регистрација компаниите можат да ја посетат нашата веб страницa:  www.mamei.mk .

Можеби ќе ве интересира

ЕБИТДА во првите девет месеци од 2024 година достигна 336 милиони денари при пад на цените на нафтата и зголемени трошоци

ЕБИТДА во првите девет месеци од 2024 година достигна 336 милиони денари при пад на цените на нафтата и зголемени трошоци

Шпаркасе Банка едуцираше повеќе од 4 000 деца за важноста на штедењето во текот на октомври

Шпаркасе Банка едуцираше повеќе од 4 000 деца за важноста на штедењето во текот на октомври

Трилер-вечер со „Што се случи со Исидора?“ од Јана Мишо во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“

Трилер-вечер со „Што се случи со Исидора?“ од Јана Мишо во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“

АТЛЕТИТЕ ОД СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СО 3 ОСВОЕНИ МЕДАЛИ НА ЕВРОПСКАТА ПЛИВАЧКА СРЕДБА НА СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА ВО МОНАКО, ПОДДРЖАНА ОД ПРИНЦЕЗАТА ШАРЛИН

АТЛЕТИТЕ ОД СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СО 3 ОСВОЕНИ МЕДАЛИ НА ЕВРОПСКАТА ПЛИВАЧКА СРЕДБА НА СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА ВО МОНАКО, ПОДДРЖАНА ОД ПРИНЦЕЗАТА ШАРЛИН

„Флекс кредит“ на престижната регионална конференција „Microbalkans 2024“ во Сараево

„Флекс кредит“ на престижната регионална конференција „Microbalkans 2024“ во Сараево

Фондацијата Др. Верица Механџиска и Зегин ги обединуваат светските и домашните експерти за аутизам и АДХД на конгрес во Скопје

Фондацијата Др. Верица Механџиска и Зегин ги обединуваат светските и домашните експерти за аутизам и АДХД на конгрес во Скопје

Dioptra Optics ексклузивно ја претстави најновата колекција на Valentino очила во Македонија

Dioptra Optics ексклузивно ја претстави најновата колекција на Valentino очила во Македонија

Конференција на „Блумберг Адрија“ во Скопје: „Економски потенцијал и развојни можности на Македонија“

Конференција на „Блумберг Адрија“ во Скопје: „Економски потенцијал и развојни можности на Македонија“

Халкбанк го одбележа Меѓународниот ден на штедењето со низа активности за поттикнување позитивни финансиски навики кај децата

Халкбанк го одбележа Меѓународниот ден на штедењето со низа активности за поттикнување позитивни финансиски навики кај децата