Јосиповиќ вели дека Србите ќе мора да го признаат Косово за влез во ЕУ
Објавено во: Балкан 25 Ноември, 2017
Поранешниот хрватски претседател, Иво Јосиповиќ во интервју за весникот „Данас“ вели дека Србија нема да може да стане членка на Европската унија додека не ја признае независноста на Косово.
Според него, односите меѓу Србија и Хрватска сега се полоши од пред неколку години.
„Медиумите, разните навивачи и коментатори, сите тие потпалуваат со нивните изјави. Во двете земји постојат ретроградни процеси и рехабилитирање и славење на поразените про-нацистички сили“- изјави Јосиповиќ за „Данас“.
Тој не сака да шпекулира дали, во рамките на ова влошување на односите меѓу Белград и Загреб може да се случи Хрватска да го блокира српскиот прием во ЕУ.
Според поранешниот претседател на Хрватска, Европската унија има проект за ширење на Балканот, вклучително и кон Турција и, секако, Косово. Поради тоа, Јосиповиќ вели дека Србија не може да стане членка ако не го признае Косово.