Како да го одбраниме јавниот интерес од злоупотреба од власта?
Објавено во: 30 Септември, 2015
Секој граѓанин има одговорност да ја брани државата од властодршците и активно да учествува во креирањето јавни политики. Граѓанското општество заедно со медиумите имаат задача да влијаат врз донесувањето одлуки од јавен интерес и да спречат истиот да биде злоупотребен од власта.
Ова беа дел од темите за кои се дискутираше на денешната конференција „Деконструирање на концептот на јавниот интерес во Република Македонија: зло(употреба) во име на граѓаните на Институтот за комуникациски студии.
На отворањето на Конференцијата, британскиот амбасадор Чарл Герет особено се задржа на транспарентноста на власта и вклученоста на граѓаните во нејзиното владеење.
,, Владите кои не се транспарентни значи не работат за јавниот интерес. Тие работат со јавни пари и луѓето мора да се интересираат што се прави во нивно име. Се надевам дека со овој проект луѓето ќе се охрабрат активно да учествуваат во креирањето јавни политики - порача Гарет на
Поранешниот министер за финансии и гувернер на Народна Банка, Петар Гошев укажа дека во Македонија долго време нема дебати, туку како што вели има само монолози на истомисленици. Тој зборуваше и за примери во кои власта директно го злоупотребила јавниот интерес.
,,Ние се соочуваме со огромен проблем на злоупотреба на јавниот интерес. Во чиј интерес е на пример, да се крие колкав е јавниот долг на државата? Чиј интерес е да не знаеме колкав број луѓе брои администрацијата? На кој начин се привлекуваат странските инвеститори или зошто се одложува либерализација на енергетскиот сектор ? Ова се примери на манипулација и директна злоупотреба на јавниот интерес. “ – вели ексминистерот Гошев.
На дебата, учесниците особено се осврнаа на улогата на медиумите во бранењето на јавниот интерес.
Новинарот Ерол Ризаов, медиумите ги опишува како „место каде владее и царува цензурата".
Според него, медиумите веќе немаат притисок, затоа што веќе сами научиле како да ја фалат власта наместо да ја кудат и да го бранат јавниот интерес. ,,Ние ги изгубивме веќе сите права и стандарди. Потребно е да почнеме од почеток. “ – рече Ризаов.
Поголема транспарентност во работата на власта и овозможување суштинска дебата од ставови на различни групи граѓани, се предуслови за одговорно и отчетно владеење, заклучуваат учесниците во проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија“.