Каменос не сака да слушне за име кое ќе го содржи зборот „Македонија“
Објавено во: Балкан 27 Декември, 2017
Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, главниот коалициски партнер во Владата на премиерот Алексис Ципрас не сака да слушне за решавање на името така што во називот на нашата земја ќе стои зборот „Македонија“.
Тој денеска го повтори својот став дека се противи на решение на спорот за името кое ќе го содржи зборот „Македонија“. Каменос нема да поддржи евентуално такво решение во грчкиот Парламент.
„Нашата позиција останува да бидеме против употребата на изразот „Македонија“ - изјави Каменос.
Каменос објасни дека неговиот став не треба да се сфати како критика на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, за кого Каменос вели дека е „најдобриот министер за надворешни работи што Грција го имала“.
Тој го повика претседателот Прокопис Павлопулос да ги свика сите лидери на политичките партии за да дискутираат за спорот за името со Македонија, пишува весникот Катимерини.
Со партијата на Каменос Влада на Ципрас има мнозинство од 153 пратеници во Парламентот со вкупно 300 членови.
Киријакос Мицотакис, лидерот на опозициската Нова Демократија, неодамна ги повика Ципрас и Каменос да поднесат оставки бидејќи во Владата немаат единствен став за спорот за името.
Инаку Ципрас во Белград изјави дека решение на спорот со името е можно ако Македонија се откаже од ставот дека сме единствени потомци на Александар, додека Павлопулос има многу тврди ставови и при секоја средба со странски политичари ја обвинува Македонија за иредентизам и фалсификување на историја.
И Каменос претходно давал изјави во кои рекол дека Македонија е грчка и е една.