Ќе се договараат деталите за вакцинација на новинарите и медиумските работници
Објавено во: Македонија 16 Февруари, 2021
Деновиве
Здружението на новинарите на Македонија ќе оствари средба со претставници од
Министерството за здравство со цел да се договорат детали околу вакцинација на
медиумските работници. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски за Фактор вели
дека динамиката допрва треба да се утврди, и смета дека новинарите и воопшто
медиумските работници кои во текот на целиот период на пандемијата на корона
кризата беа изложени на ризик од зараза со Ковид-19, треба да бидат во онаа втора
група на приоритени граѓани, веднаш по здравствените работници и по
повозрасната популација.
-Работната средба ќе ја одржиме во четврток. Очекувам дека наскоро ќе стигнат и поголеми количини од вакцините против Ковид-19 што ќе овозможи непречена имунизација и на медиумските работници кои ќе сакаат да се вакцинираат, бидејќи навистина сиот изминат период медиумските работници постојано беа на терен, бе а во студијата, се мешаа со луѓе заради природата на работата и едноставно заслужуваат да бидат межу првите кои ќе добијат соодветна заштита. Ние би направиле и класификација на оние кои би требало први да отидат, но со оглед на тоа што не станува збор за една огромна бројка, вкупно се околу 1.000 новинари и уште околу 2.000 други медиумски работници мислиме дека ќе успееме во еден период од недела две да можат сите да ја добијат првата доза. Ние секако на средбата ќе разговараме за процесот и динамиката и ќе утаначиме како сето ова да се преточи во една практика. Дали ќе има посебни списоци, дали ќе се регистрираме во системот за вакцинација, за сите сите овие прашања ќе разговараме во Министерството за здравство, вели Чадиковски за Фактор.
Инаку, во текот на утрешниот ден почнува имунизацијата на здравствените работници во Модуларната болница веднаш до Клиниката за инфективни болести. Тие ќе бидат вакцинирани со вакцините од производителот Фајзер/БиоНтек, кои викендов Македонија ги доби како донација од соседна Србија.
Вакцинацијата против коронавирусот ќе се спроведува исклучиво преку превидениот план кој е изготвен во Националниот план за имунизација на населението. Процесот на вакцинирање на граѓаните ќе се одвива во три фази по приоритетни групи. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
Анита Буховски