19 Април, 2018
0.0817

Кој ќе ги затопли американско-руските односи, Северна Кореја или Сирија?

Објавено во: Колумни 15 Декември, 2017

Не поминаа неколку часа од вчерашната голема средба на рускиот претседател Владимир Путин со новинарите и заѕвони телефонот во Кремљ. Доналд Трамп побарал да поразговараат. Нивниот последен телефонски разговор беше  на 21 ноември, ден после посетата на  сирискиот претседател Башар ал Асад на Русија и срдечната средба со Путин. Според извештаите, тогаш Путин и Трамп разговарале за Сирија, Украина, Иран и Северна Кореја.

Вчерашниот разговор, пак, како што пренесоа агенциите бил по иницијатива на американската страна. „Беа разгледани актуелни прашања од обостраните односи, а исто така и ситуацијата во кризните точки со акцент на решавање на нуклеарниот проблем на Корејскиот полуостров“ се вели во соопштението.

А токму вчера на конференцијата со новинарите Путин од страна на еден новинар од АП беше прашан за можното затоплување на руско-американските односи и односите со Трамп, со соработка околу Северна Кореја во светлината на барањата на САД Русија да ја убеди Северна Кореја да ја прекине нејзината нуклеарна програма. Одговорот на Путин беше многу жесток. Тој го потсети новинарот дека токму американските конгресмени и сенатори, со усвојување на Законот за санкции, ја ставаат Русија во ист список со Северна Кореја и Иран, а од друга страна, истовремено го поттикнуваат Трамп да ги наговори Русите заедно со САД да ги решаваат проблемите со Иран и Северна Кореја! „Вие сте нормални луѓе или не сте“, праша Путин. Тој додаде дека Русија не го признава нуклеарниот статус на Северна Кореја. Исто така напомна дека во 2005 година е постигнат договор за прекин на нуклеарната програма на Северна Кореја. Меѓутоа без оглед на тоа САД само по неколку месеци вовеле во однос на Пјонгјанг нови санкции, по што Северна Кореја излегла од договорот. Путин смета дека од двете страни треба да престане нагнетувањето на ситуацијата, таа спирала да заврши, бидејќи станува збор за опасна работа.

Дека станува збор за опасна работа  беше јасно по последното истрелување на севернокорејската интерконтинентална ракета „Хвасон-15“ за која беше речено дека може да достигне до територијата на САД. Две недели подоцна американскиот државен секретар Рекс Тилерсон повика:„Дајте барем да се сретнеме – можеме едноставно да позборуваме

и за времето, ако сакате“, давајќи до знаење дека Вашингтон е подготвен за преговори со Северна Кореја без претходни услови. Ваквиот приод тогаш не беше поддржан, ниту пак критикуван од Белиот дом. Но беше јасно дадено до знаење дека претседателот Трамп се’ уште е на мислење дека Северна Кореја треба прво да се откаже од разработката на нуклеарно оружје, па дури потоа би можело да се преговара. Ова зборува и за различните гледања на надворешната политика во Белиот дом и во Стејт департментот. За што впрочем и се раширија тврдења дека Трамп ќе го менува Тилерсон. Но исто така и дека претседателовата администрација се’ уште не ги зела конците во свои раце и дека во Стејт департментот не се до крај направени некои од измените со кадри кои повеќе ќе го „слушаат“ Трамп.

Ако Северна Кореја е едното прашање кое би ги затоплило односите на САД со Русија, второто е Сирија. За него, барем навидум, има доста гледања кои се совпаѓаат меѓу Путин и Трамп. Дури имаа дадено и заедничка изјава по средбата во Виетнам. Но и овде се случуваат работи кои можат да фрлат сенка врз соработката. Откако Путин прогласи победа врз Исламската држава и ослободување на речиси целата територија на Сирија, се јави Трамп кој ја воспеваше улогата на американските воени лица во таа арапска држава, „кои дале најголем придонес во победата на ИД“. Се разбира намерно заборавајќи да каже дека за разлика од Русите, Американците се таму „непоканети“. Парадоксално, ако досега ривали беа сириската армија и нејзини сириски сојузници, од една, и ИД и блиски до неа воени формации од друга страна, сега излегува дека најголеми ривали ќе бидат Русија и САД!

Впрочем деновиве на два пати се случија „блиски средби“ на воени авиони на двете земји. Последната била уште подраматична од првата. Оттука и загриженоста да не дојде до „случајно“ соборување на авион од едната или другата страна. И Пентагон и руското министерство за одбрана си имаат свои приказни за она што се случува. Но во соопштенијата по тој повод се однесуваат како навивачи и докажуваат кој бил подобар во пресретнувањето или кој од кого се уплашил и го напуштил „бојното поле“. Дека станува збор за провокации, намерни или ненамерни, сеедно, е повеќе од јасно. И тоа во име на борбата со Исламската држава. А што стана со изјавите дека силите на ИД се уништени? Ако е така тогаш повеќе од јасно е дека и едните и другите сакаат да влијаат врз развојот на идните односи во Сирија. Едните повикувајќи се на законското право дека се поканети од Сирија, а другите на правото на заштита на непријателите на сириската власт. А зад се стои интересот за присуство во регионот.  И градењето на новата сириска држава по нивен терк. Предноста на овој план засега е на страната на Русија, бидејќи зад себе ги има Турција и Иран, но и САД притискаат и не сакаат да го признаат руското предимство. Згора на тоа на теренот имаат сили кои тие ги обучуваа и ги вооружуваа за борба против силите на Дамаск. Сето ова зборува и за опасноста од поделба на Сирија.

Токму затоа наместо затоплување на односите меѓу САД и Русија, може да дојде до нивно прегревање. Наместо силите на САД и Русија да се сретнат на Еуфрат, како оние на САД и СССР во Втората светска војна на Одра и да означат симболички почеток на крајот на ИД и почеток на изградба на нова сириска држава, тие секој ден се пред искушението (не)намерно да предизвикаат експлозија. И тогаш ништо од затоплувањето. Кој знае што се’ се наоѓа на масите во Кремљ и Белиот дом. Какви се идеите за Пјонгјанг, а какви за Дамаск знаат само големите играчи. А, да не го заборавиме и Иран, кому Трамп му е посебно наоштрен.  

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЕУфорија во Македонија - Дали Грција ќе ни го расипе славјето?

ЕУфорија во Македонија - Дали Грција ќе ни го расипе славјето?

Ефективноста на управувањето со земјоделската одржливост

Ефективноста на управувањето со земјоделската одржливост