02 Мај, 2024
0.0398

КОЈ ЌЕ СЕ СПАСИ ОД ИЗВРШИТЕЛСКИТЕ ГОЛГОТИ - некои ќе останат со куси ракави

Објавено во: Македонија 09 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Една од мерките со кои Владата најави дека сака да им помогне на граѓаните кои мака мачат со извршители, нотари и судски постапки, е законското решение со кое ќе им се отпишат каматите и ќе им се даде можност долговите да ги плаќаат на рати. 

Предлог законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, поминал на седница на Влада на крајот на минатата година и бил доставен до Собранието, а треба да биде изгласан по скратена постапка. 

Со овој закон власта всушност сака да ги ослободи граѓаните од големите наталожени камати, а потоа да им овозможи и долговите да ги плаќаат одложено - на рати, со цел полесно да се справат со должничкиот товар што го имаат. Оние што платиле дел од каматите или долгот, со законот нема да имаат право да бараат поврат на овие средства.

Со оглед што точката е ставена на дневен ред на пленарна седница на Собранието на 14 јануари, се очекува тогаш да се изгласа потребата од носење на овој закон, по што ќе оди на расправа само на матичната Комисија за финансирање и Буџет, а набргу потоа се очекува и законот да биде донесен од Собранието. Односно, ова законско решение ќе биде изгласано до распуштањето на овој пратенички состав, на 12 февруари годинава.

Предлагачот на законот, Министерството за правда, вели дека со него треба да се реши проблемот со старите судски извршни предмети, кои се пренесени кај извршителите и нотарите во 2011 година, како и предметите дадени за извршување за наплата на долгови пред извршителите заклучно со крајот на 2017 година.

Целта  на законот, велат, е еднократна помош за решавање на проблемот со извршните предмети.

„Со ова законско решение се очекува надминување на проблемот на граѓаните со старите судски извршни предмети генерирани заради лошиот трансфер во 2011 година од судовите на извршителите и нотарите, како и со предметите дадени за извршување за наплата на долгови заклучно со 31 декември 2017 година, кои заради високите камати во долготрајните постапки, во голема мера оптоварија огромен број на граѓани“, се вели во образложението на законот.

ДРЖАВНИТЕ ДОВЕРИТЕЛИ ЌЕ МОРААТ, ПРИВАТНИТЕ АКО САКААТ

Но, дали овој закон навистина ќе им помогне на многу од граѓаните? 

Според голем број граѓански реакции, главната негова мана е што со него се предвидува дека само државните доверители ќе мора задолжително да ги отпишуваат каматите на граѓаните, додека кај доверителите во приватна сопственост, тоа ќе биде на доброволна основа.

Притоа, како доверители во државна или јавна сопственост се сметаат државните органи, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, органите на општините, на градот Скопје и општините во градот Скопје, како и јавните претпријатија во државна или јавна сопственост. Тие ќе бидат должни да направат целосeн отпис на каматите, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците во рок од три месеци од денот на стапување во сила на овој закон. За тоа треба да ги известат извршителите, во рок од 30 дена од отписот на каматите.

И ако ова јасно е прецизирано за државните доверители, за приватните се наведува дека „отписот на каматите, како и репрограмирањето на главниот долг и трошоците, го вршат на доброволна основа, согласно одлука на органот на управување која задолжително мора да ја донесат во рок 90 дена од денот на стапување во сила на овој закон, без оглед дали ја прифаќаат или не ја прифаќаат примената на одредбите од овој закон“.

Тоа значи дека на приватните компании ќе им се остави сами да одлучат дали ќе ги отпишат или не каматите и дали ќе дозволат репрограмирање на долговите од граѓаните.

„Се поставува прашање за кои всушност долгови ќе бидат ослободени граѓаните, ако тоа важи само за државни доверители. Односно, со законот граѓаните нема да бидат ослободени од натрупани долгови за кои се дадени на извршители за сметки за струја, парно или телефон, на пример, бидејќи станува збор за приватни компании“, велат некои од граѓаните кои очекувале и овие долгови да бидат ослободени од каматите и да можат да се плаќаат на рати.  

СЕ РАСПРСНАА НАДЕЖИТЕ НА ДОЛЖНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНСКА БАНКА

Со овој закон им се распрснаа надежите дека ќе се спасат од каматите и на должниците на одамна згаснатата Македонска банка, која неодамна испрати над 3.500 извршни решенија за наплата на стари кредити до некогашни клиенти. Оваа банка, која своевремено беше затворена од централната банка, иако иако не постои 12 години, сега им бара на нејзините должници да ги вратат кредитите, но заедно со огромни суми на камати за сите изминати години до сега. 

Од Министерството за правда велат дека и Македонска банка се третира како приватен доверител.

„И Македонска банка влегува во катергоријата на приватни доверители, па затоа и за нејзините должници отписот на каматите и репрограмирањето на долговите ќе биде на доброволна основа“, велат за Фактор од Министерството за правда кое е предлагач на законот.

А меѓу овие 3.500 несреќници има и такви кои за долг од околу 1.000 евра, кој немале каде да го платат кога банката згасна и ги затвори своите експозитури, сега со натрупани камати за кои не знаеле, треба да платат вкупна сума од 3.500 евра. 

РАТИТЕ ЌЕ ЗАВИСАТ ОД ВИСИНАТА НА ДОЛГОТ

На оние, пак, што ќе имаат среќа да се спасат од каматите и да им се репрограмираат долговите во постапките пред судовите, нотарите и извршителите, бројот на месечните рати во кој ќе ги плаќаат долговите ќе им зависи од висината на долгот и другите трошоци.

Или, долг до 10 илјади денари ќе се отплаќа на шест месеци, па се до долговите од над 240 илјади денари, за кои ќе се дозволи период на отплата од дури четири години.

Еве како се предвидени ратите во зависност од висината на долгот. 

ВИСИНА НА ДОЛГ И ТРОШОЦИ                      РОК НА ОТПЛАТА

До 10.000,00 денари                                           6 месеци

Од 10.0001,00 до 60.000,00 денари                   12 месеци

Од 60.0001,00 до 120.000,00 денари                 24 месеци

Од 120.0001,00 до 240.000,00 денари               36 месеци

Над 240.000,00 денари                                        48  месеци

Во предлог законот стои дека за доспеани и неплатени рати на репрограмираниот долг и трошоци, се пресметува законска казнена камата.

Предвидени се и глоби од 2.500 евра за приватните доверители, како и 500 евра за одговорните лица, кои „нема да ја донесат одлуката во предвидениот рок, ниту ја направиле јавно достапна согласно одредбите од овој закон“

Откако овој закон ќе стапи на сила, извршителите треба да прекинат со присилното извршување кое го барале доверителите, а кои се во државна или јавна сопственост.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Петгодишно дете пронајденo со полиција во паркот во Сарај

Петгодишно дете пронајденo со полиција во паркот во Сарај

Пронајдена човечка коска од гробишта каj Клинички центар

Пронајдена човечка коска од гробишта каj Клинички центар

Од МВР нема одговор за „вооружената група во Чаир и Бутел“

Од МВР нема одговор за „вооружената група во Чаир и Бутел“

Чувар на паркинг пронајден починат во куќарка

Чувар на паркинг пронајден починат во куќарка

Каевски и Мојсовски сметаат дека политички се обвинети од ОЈО

Каевски и Мојсовски сметаат дека политички се обвинети од ОЈО

Нема да се знае кога ќе биде доведен Палевски, поради безбедносни причини

Нема да се знае кога ќе биде доведен Палевски, поради безбедносни причини

Деспотовски: Ново партиско раководство што ќе подаде рака кон членството

Деспотовски: Ново партиско раководство што ќе подаде рака кон членството

Изет Меџити кандидат за министер за внатрешни работи: Ќе видиме наредните денови

Изет Меџити кандидат за министер за внатрешни работи: Ќе видиме наредните денови

Водно денес без место за паркирање

Водно денес без место за паркирање