29 Април, 2024
0.0273

Мала дигресија во врска со прогресијата

Објавено во: Мои пари 05 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Во периодот пред најавата од страна на Владата за промена во даночната политика и евентуално воведување прогресија кај персоналниот данок на доход (данок на личен доход, согласно новиот закон), се правеа анализи и се спроведоа анкети врз основа на кои деловната заедница предупредуваше дека позитивните ефекти од воведување прогресија ќе бидат помали отколку негативните ефекти кои ќе се одразат на деловното окружување и ќе испратат негативен сигнал кај потенцијалните инвеститори. Исто така, се укажуваше дека регионалното окружување не дозволува зголемување на стапките од причина што ќе се изгуби компаративната предност и имиџот на државата како дестинација за инвестирање со ниски даноци.

Деловната заедница укажуваше дека стопанството со сигурност ќе биде погодено од предложените промени, особено одредени сектори, како, на пример, информатичко-комуникацискиот сектор.

Оттаму, беше и барањето реформата за прогресивно оданочување да се одложи за најмалку пет години, по направени широки консултации со бизнис заедницата.

Независно од укажувањата, Владата со образложение дека нејзини главни цели се еднаква шанса и можности за подобар живот за сите граѓани и намалување на социјалната нееднаквост, ценеше дека треба да пристапи кон прогресивно оданочување кај персоналниот данок на доход, па го предложи, а собранието го донесе Законот за данокот на личен доход („Службен весник на РМ“, бр. 241 од 26.12.2018 година), со кој се воведе прогресивно оданочување со данок на личен доход.

По донесувањето на овој закон за доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, данокот на доход се плаќа по прогресивни стапки и тоа: за остварен доход до 1.080.000 денари 10%, а за доходот остварен над овој износ 108.000 денари + 18% на делот од доходот над 1.080.000 денари.

Иако, во јавноста фокусот беше ставен на воведување прогресивно оданочување, „на мала врата“, без претходна најава и сериозна дискусија со засегнатите страни покрај воведувањето на дополнителната стапка од 18% за претходно набројаните доходи се зголеми даночната стапка од 10% на единствена даночна стапка од 15% за доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, доходот од капитал, капиталните добивки, добивките од игри на среќа, доходот од осигурување и друг доход. Исто така, се предвиде оданочувањето по стапка од 15% на каматите од депозити и на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност да се применува од 1 јануари 2020 година.

Временскиот период од едно полугодие е многу краток за да се ценат ефектите од овие политики, од аспект на тоа дали зголемените стапки влијаат на имиџот на државата кај потенцијалните нови инвеститори и секако, периодот е премногу кус за да се утврди дали и како истите придонесуваат за „можности за подобар живот за сите граѓани и намалување на социјалната нееднаквост“.

Она што е извесно е тоа дека по направената измена во концептот на оданочување, во првите шест месеци од 2019 година од данок на личен доход реализирани се 8.702 милиони денари, што во споредба со истиот период од претходната година претставува зголемување за 16,0%. Ако се анализира структурата на приходите од данокот, во зависност од тоа врз основа на кој доход се наплатува, ќе се утврди дека растот во првото полугодие на приходите од данокот на плати и други лични примања изнесува 8,4% или 427 милиони денари (во првото полугодие во 2019 година остварени се 5.481 милиони денари, а во првото полугодие во 2018 година, остварени биле 5.054 милиони денари). Најголем пораст од 65,3% бележат приходите од данокот на лични примања по основ на игри на среќа, за 58,4% пораснале приходите по основ на лични примања од имот и имотни права, приходите од данок по основ на лични примања од земјоделство и шумарство околу 25%, за 15,4% пораснале приходите по основ данок на лични примања од самостојна дејност, додека приходите по основ на лични примања од капитал и капиталните добивки се отприлика на исто ниво како и во првото полугодие лани.

Иако, растот од 8,4% на приходите на данокот на плати и други лични примања е релативно низок, во споредба со растот од другите видови приходи е исклучително значаен, бидејќи неговото учество во вкупните приходи од данок на личен доход е околу 2/3. Притоа, од јавно достапните податоци не може да се утврди колкав дел од растот се должи на воведувањето на дополнителната даночна стапка од 18%, а колкав дел од истиот е резултат на растот на платите (нето платите во првото полугодие од 2019 година пораснаа за 3,5% во споредба со истиот период од 2018 година, додека кај бруто платите е забележан раст од 4,7%).

Она што е клучно да го утврдат државните институции, а без кое ниту една анализа поврзана со ефектите од воведувањето на прогресивно оданочување не би била релевантна, е дали конкретните политики придонесоа за селење на одредени бизниси во околните држави, односно дали за одредени услуги кои ги даваат македонски даночни обврзници по зголемувањето на даночните стапки на данокот на личен доход плаќањата се вршат надвор од државата, во соседните држави во кои сé уште доходот се оданочува по пониски стапки.

Стопанската комора на Македонија во наредниот период ќе спроведе истражување помеѓу своите членки и ќе ги анализира ефектите од воведување прогресивно оданочување и зголемувањето на стапките на данокот на личен доход, по што ќе ја оцени потребата од преземање понатамошни активности за подобрување на состојбите во даночната област.


Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Можеби ќе ве интересира

„Рамка за помош“ на НЛБ Групацијата е проект создаден за организации како нас, многу деца, училишта ќе ја добијат нашата поддршка и опрема која ќе придонесе за подобро утре: Борче Стаменов за „Донирај компјутер“

„Рамка за помош“ на НЛБ Групацијата е проект создаден за организации како нас, многу деца, училишта ќе ја добијат нашата поддршка и опрема која ќе придонесе за подобро утре: Борче Стаменов за „Донирај компјутер“

Менаџментот на NOVOMATIC свечено ги отвори вратите на Grand Casino Admiral

Менаџментот на NOVOMATIC свечено ги отвори вратите на Grand Casino Admiral

Третиот дел на „Солунска 28“ од д-р Неле Карајлиќ е најпродаван наслов од „Арс Ламина“ на Саемот на книгата 2024

Третиот дел на „Солунска 28“ од д-р Неле Карајлиќ е најпродаван наслов од „Арс Ламина“ на Саемот на книгата 2024

Успешен и профитабилен прв квартал од 2024 за НЛБ Банка

Успешен и профитабилен прв квартал од 2024 за НЛБ Банка

ТРИКРАТНИОТ ШАМПИОН ИГОР ИЏЕ СТЕФАНОВСКИ ВО ПОХОД ПО НОВА ЕВРОПСКА ТИТУЛА

ТРИКРАТНИОТ ШАМПИОН ИГОР ИЏЕ СТЕФАНОВСКИ ВО ПОХОД ПО НОВА ЕВРОПСКА ТИТУЛА

„A1 Academy” заокружи уште еден успешен модул – Бизнис аналитика

„A1 Academy” заокружи уште еден успешен модул – Бизнис аналитика

Хуманитарен велигденски настан во Веро центар за лицата со церебрална парализа

Хуманитарен велигденски настан во Веро центар за лицата со церебрална парализа

Караванот „Не е до нив, до тебе е“ утре патува во Скопје и во Охрид

Караванот „Не е до нив, до тебе е“ утре патува во Скопје и во Охрид

ВЕЛИГДЕНСКИ БОНУСИ ВО ПРОГРАМАТА ЗА ЛОЈАЛНОСТ НА 2win.мк

ВЕЛИГДЕНСКИ БОНУСИ ВО ПРОГРАМАТА ЗА ЛОЈАЛНОСТ НА 2win.мк