Мигранти, „азуланти“, арбајтери и гастрбајтери
Објавено во: Колумни 30 Август, 2017
Туѓината пуста да остане...Кога тргнав Цвето во туѓина...Проклета е Америка и златото што сјае...е колку многу рефрени за туѓината, животот далеку од родниот крај и болката за истиот што довека се носи, се испеани и до ден денешен се леат од грлата на луѓето при прослави и другу поводи. И секогаш неизоставен белег на тие песни се солзите радосници или таговници кои се слеваат од лицата на оние, кои понесени од звуците на тапанот и гајдата, орно пеат и плачат, присетувајќи се на некој нивен ближен што е далеку од нив, далеку од родната грутка. Навистина е болно кога мајка се разделува од чедото, кога родителот ги остава децата и заминува на печалба, кога вљубените, кои се уште не го вкусиле доволно сладострастието на љубовта, мора да се разделат и едниот да замине далеку по парче леб.
Тие слики и спомени ми навираат и денес и навистина е болно чивството, посебно кај мене, кога ќе се присетам на тоа, а уште поболно е кога ќе си споменам дека некои од луѓето кои тагувале и ги пееле, денес се први против мигрантите и по секоја цена настојуваат да ги навредат, лепејќи им низа етикети и погрдни зборови. Постојано се навраќам на прашањето-зошто луѓето толку брзо ја забораваат болката, зошто се претвораат во личности кои омаловажуваат, нанесуваат несреќа, иритираат и подбуцнуваат, а истите како да заборавиле дека болката навистина боли, но кога е сопствена, а за туѓата апсолутно не ни е гајле.
Мигрантската приказна (зло)употреба на партиска пропаганда
Деновиве токму на оваа тема, за болката предизвикана од напуштањето на родното огниште ме потсетија низата написи за мигрантите, за бегалците и за нивната болка и голгота која ја трпат. Доволен е само фактот дека се што печалеле, се што создавале сиот живот го оставиле, таму далеку на нивнити родно парче земја и заминале во неизвесност, “трбухом за крухом ” како што би рекле нашите пријатели, барајќи место под сонцето за нив и нивните најблиски.
А никој не може да влезе во нивната душа и никој не може да им ја знае болката и чемерот што со себе го носат. И така талкајќи и лутајќи поминале и низ нашата ни мила држава, одејќи подалеку и барајќи подобри услови за живот. Токму кога помисливме дека мигрантската приказна полека го добива својот епилог, повторно стана вест број еден и тоа ни помалку ни повеќе туку во (зло)употреба на партиска пропаганда.
Жално и срамно да се собираат политички поени на сметка на нечија болка и трагедија
Убава изрека имаат кумановци, извинете на дијелактот, ама ке ја цитирам во оригинал “ако ти фали капа можу да ти купу, ама ако ти фали акл е тој не можу” и токму во контекст на оваа изрека ми изгледа деновиве фамата и паниката која се крена деновиве околу мигрантите, посебно за нивното враќање во Македонија и целосно посветување на новите централни власти кон нивно згрижување и домување. А пак локалните власти, во духот на заштита на сопствените чисти и неизвалкани општини одма се јавија, како спасители и добродетели, како да не знаеме ние и како да сме наивни дека со години се во хибернација.
И навидум со добра намера, за да се пренаменат парите за други, практични намени и да не се уништи структурата од секаков вид во општините, а простете, но нека не ни навредуваат интелегенција, бидејќи знаеме дека зад нивната “добронамерност ” и ”вистинска грижа” се крие нешто сосема друго. А другото се надѕира, близу е 15 октомври, близу е проверката на секој носител на локална власт колку е довербата кај неговите граѓани и колку искрено има направено за нив.
Навистина е жално и срамно да се собираат политички поени на сметка на нечија болка и трагедија, за сметка на нечија тажна судбина и туѓинско проклетие. Колку ли само треба да си морално лишен и емотивно и вредносно неутрален за да можеш да го водиш орото за урнисување и закопување на нечии човечки судбини. Уште повеќе боли фактот што советници, во градски и општински совети, лекари, професори, лица познати и признати во својта околина и својата професија, ја погазиле хипократовата заклетва и истите, без тронка страм и човечност помагаат во ширењето на стравот од етнички, религиски и културно другиот и поинаквиот и сеат семе на зло. Ако им е, до тука нека им е, секој си го сее сопственото семе и што си посеал тоа ќе си ожнее...
Проф. Д - р Татјана Стојаноска Иванова
Институт за социологија
Филозофски факултет - Скопје