09 Мај, 2024
0.0288

МОМЕНТОТ КОГА ЌЕ ВИ КАЖАТ ДЕКА ВИ Е ПОТРЕБНО НОВО СРЦЕ: Приказните на петмината кои добија нов живот-Срцевата слабост станува епидемија, професор Јовев за Фактор

Објавено во: Македонија 28 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

За органодонаторството постојат уште неколку други имиња-хуманост која не познава граници, добрина без хоризонти,  благородност и безгранична човечката љубов во моменти кога се губи најмилиот, а се носи одлука да се дари живот некому кому лекарите му прогнозираат месеци, па и само неколку денови до смртта. Искендер Барути, Иле Стрезовски, Емилија Христовска Костовска, Сашко Јанакиевски и Иван Огњановски сведочат за Фактор за моментите кога им е речено дека им е потребно ново срце, дека нивниот живот ќе заврши доколку не зачука здрав орган во нивните гради. Оваа приказна би останала недовршена без професорот Сашко Јовев, човекот кој со својот тим им овозможи на овие луѓе нов живот.

66-годишниот Искендер Барути од Скопје вели дека одлуката за трансплантација ја донел сам, и тоа многу брзо, само за половина час откако му соопштиле дека за него има срце.

-Поминаа два месеца од трансплантацијата. Сега многу подобро се чувствувам. Претходно имав пес мејкер, но повторно добив удар, што значи дека пејс-мејкерот не ја вршеше функцијата како што треба. Лекарите предлагаа да ми стават пумпа, посебна пумпа која се става во срцето, но, јас не бев согласен таква механичка направа повторно да се става во моето срце, бидејќи сметав дека не е вистинското решение. Предлогот за да ми се трансплантира срце дојде многу набрзина, ми се јавија на телефон да ми соопштат дека има донор, дека има срце кое одговара на сите мои параметри и ме прашаа дали сум согласен да прифатам. Без многу размислување, се одлучив за половина час на таков чекор. Терапиите се поопсежни, често сум на контрола, дишењето ми е поолеснато, вели Барути.

Тој се уште не го запознал семејството кое одлучило да го донираат срцето, но вели дека неговата желба е огромна.

-Многу би сакал да ги запознаам, но ова е многу специфична работа, не знам колку се тие подготвени да се сретнеме, да се запознеме и лично да им изразам благодарност за храбрата одлука да го го донираат срцето од својот сакан...Навистина би сакал да се видам со нив...

Најмладиот е Иле Стрезовски. Има само 23 години. „Во мене чука срцето на Верица Белчовска, а хуманоста и добрината на нејзиното семејство не се мерат со ништо“, раскажува тој за Фактор. Ние сме сега едно семејство. Нема ден, а да не се слушнеме, чувството е посебно...

Проблемите со неговото срце ги почувствувал во јануари годинава, а потоа се се случувало многу брзо...

-Кога отидов на лекар, ми рекоа дека немам друг избор, освен да добијам ново, здраво срце. Уште не се знае кај мене што беше проблемот, зошто срцето ми ослабело. Првите болки ги имав во желудникот, но контролните прегледи покажаа дека ми е слабо срцето. Патот ме одведе и до приватната клиника Аџибадем Систина каде ми рекоа дека треба да ми се вгради пумпа, но мојот граден кош е премал и немаше друг избор, освен да ми се пресади ново срце. Претходно, и како дете и како средношколец немав никакви проблеми, се се случи наеднаш. И јас посакувам да дознаам како за толку брзо време ми ослабе функцијата на срцето, за да единственото решение е трансплантација. Но, како и да е, веќе шест месеци поминаа од операцијата. Сега се чувствувам навистина одлично. Терапијата ќе ја примам до крајот на животот, но тоа не ми претставува никаква тешкотија, само да сум здрав и жив. Најважно ми е да ја остварам мојата најголема желба, а тоа е да се сретнам со семејството на Верица, и верувам дека многу брзо ќе се видиме. Инаку, речиси секојдневно се слушаме и си пишуваме на социјалните мрежи. Немам зборови со кои може да ја искажам мојата благодарност...Тие се мое семејство сега, живеам заради нивната хуманост, заради нивната добрина..., вели Иле.

Решив да живеам и да уживам во убавините на животот, раскажува Емилија Христовска Костовска, која самата себе си си рекла: „ќе добијам ново срце најдоцна пред да направам 40 години“.

-И тоа навистина се случи. Јас следниот месец ќе го славам мојот роденден...Родена сум со вродена срцева мана, (дилатациона кардиомиопатија), кај мене е практично покомплицирано од сите. Уште во детската возраст направени ми се три операции на отворено срце, што е уште поголем ризик. Оперирана сум во Лондон, како бебе на 2 и пол години, а потоа и на 8 и на 12 години. Имав трокоморен пејсмејкер со дефибрилатор, имав претходно двокоморен, а трикоморниот, го ставија отприлика две години пред трансплантацијата и ми рекоа дека треба да има резултат, но да не се надевам премногу, бидејќи е многу доцна. Претходно живеев навистина нормален живот, се дружев, излегував, работев, се до моментот кога не почувствував огромна слабост. Ми ставија и трета електрода, опарецијата беше на отворено срце и ми рекоа дека можеби сум единствен случај во свет, немаше друг начин да се стави електродата, бидејќи немаше премин меѓу коморите. Но и по ова, толку ослабе моето срце, што не можев дури ни до тоалет да отидам. Заморот си го правеше своето, спиев седејќи бидејќи не можев да дојдам до воздух и ми рекоа дека единственто решение е трансплантација. Иако навистина и тоа беше огромен ризик, пред се поради претходните хируршки зафати, зошто како што имаме лузни однадвор, така имаме лузни и одвнатре. Но, јас кажав дека ќе ја направам трансплантацијата. Решив да живем, си го сакам животот, имам планови понатаму и си зададов за цел дека пред да наполнам 40 години ќе имам ново срце. Морам да кажам дека огромна улога за тоа низ се што поминав има прекрасниот тим на Кардиохирургија. Тие луѓе се моето второ семејство. Ми рекоа дека има срце за мене, сите параметри се совпаѓаат. И искрено многу е тешко кога се стои на нога, односно на нога се влегува во болница, не си врзан за кревет, и решаваш да се направи еден таков сериозен зафат. Тоа подразбира дека од нога, легнуваш на болнички кревет и прашање е дали ќе станеш. Постоперативниот период беше навистина долг, 4 месеци лежев во болница...Мускулите целосно ми атрофираа и ова што сега сама се движам е навистина голем напредок. Цел месец немав јадено ништо, практично живеев не инфузија, каснував по некое залче, и тоа всушност ми беше најголемиот страв, дали ќе успеам да го надминам тој период. Но, волјата за живот беше поголема од се. Имам сопруг, деца немам поради слабоста на срцето, но сега можам веќе да размислувам и за тоа.

Дента кога разговаравме со луѓето на кои им е трансплантирано сцрце, заврши болничкото лекување на 50-годишниот Сашко Јанакиевски. Се уште измрен и видно слаб, со воздишки меѓу зборовите, Сашко проговори дека во периодот што следи упорно ќе работи на целосно закрепнување.

-Заминувам денеска од болница по 2-3 месечен престој. Не можев да дишам, се гушев. Лекарите констатираа дека имам огромна слабост на срцето и дека е потребна трансплантација. Имам 50 години, и откако ќе се случат вакви нешта во животот, сфаќаме колку е тој бесценет. Моментот кога ќе ви кажат дека има срце кое ќе ви го продолжи животот не може да се опише. Не ни размислував дали ќе прифатам или не. Едноставно решаваш дека тоа е тоа. Денеска одам дома, ќе закрепнувам полека, ќе си го вратам нормалниот тек на живеењето. Кога целосно ќе бидам на нозе, средбата со луѓето кои решија да ми го дадат срцето едвај ќе чекам да ја остварам.

Првиот пациент на кој му беше пресадно срце е Иван Огњановски. 54-годишниот скопјанец го доби срцето на Емилија Динева од Дојран. „Нејзиното семејство е мојот ангел чувар, ние имаме нераскинлива врска“.

- Немав поочувствувано ништо претходно, никакви, здравствени проблеми, се до моментот кога еден ден откако се вратив од работа ми се слоши и паднав, инаку бев градежен работник. До тогаш, навистина немав никакви други проблеми. Со брза помош прво ме хоспитализираа на Клиниката за кардиологија, но по сите прегледи и испитувања излезе дека срцето ми е толку слабо, шпто понатаму бара поинаков третман и ме префрлија на кардиохирургија. По испитувањата таму, прво ме известија дека ќе се обидат да стават бајпас, но тоа не помогна. Збровите на лекарите беа дека срцето ми работи со капацитет од 10 проценти. Прогнозата беше страшна, лекарите ми дадоа најмногу до месец дена дека можам да преживеам, а најмалку една недела. За да ме одржат во живот, беа тешени да ми стават пумпа, се додека не се најде донор. Пумпа не ми беше вградена, само бајпас и поминав еден месец во болница. Дента кога ме отпуштија, само што влегов дома ми се јавија на телефон и ми рекоа дека мора повторно да се вратам во болница. „Мора да разговараме“, ми рекоа докторите. Тогаш поразговарав со професорот Јовев кој ме информираше дека нашле срце и дека се прават преговори со семејството за да го донираат и да се направи трансплантацијата. Очигледно нивната хуманост нема граници, семејството Диневи од Дојран се согласија, и еве ме мене по година и пол, жив и здрав. Тие ми ја дадоа шансата за уште живот. Мојата благодарност кон нив е неизмерна. Професорот Јовев ми вети дека јас ќе продолжам да живеам и дека ќе имам уште поквалитетен живот. Иако претходно не сум размислувал на оваа тема, сега слободно можам да кажам дека животот е многу поскап отколку што можеме да замислиме. Останав и без работа, не сакаа повторно да ме вратат во градежниот сектор бидејќи во моите лекарски извештаи стои дека сум 100 проценти инвалид. Пропаднаа и сите силни обиди да добијам инвалидска пензија, а откако и тоа не бидна, професорот Сашко Јовев ми предложи да работам на Кардиохирургија. Сега работам во администрација на Клиниката за кардиохирургија, и опкружен сум со луѓето кои целосно ми го променија животот. Прво ми го продолжија, а сега ми го прават и многу подобар, поубав, поквалитетен. Се движам постојано, не застанувам...Посебно сум среќен што јас веќе се запознав со семејството Диневи, кои во тие моменти на болка и на тага, одлучија здравиот орган да продолжи да чука во моите гради. Првиот момент, првата средба беше многу тешка, емоциите беа пресилни. Отидов на денот кога синот на Емилија Динева, од која што го добив срцето, славеше матурска. Вечерта помина и со плачење и со радосни мигови. Сега сме вистински пријатели, одиме, доаѓаат. Мојот син постојано патува во Дојран, врската која ја воспотавивме е нераскинлива...

Професорот Сашко Јовев, шеф на Клиниката за кардиохирургија, во разговорот за Фактор посочува дека и покрај постојните проблеми со недостиг од кадар и простор, реализираат операциони зафати со кои на пациентите им даваат уште една шанса за живот.

-На Клиниката за Кардиохирургија, оперираме многу тешки пациенти, пациенти кои се захтевни во смисла на тоа што имаат тешко оштетување на срцето, имаат многу коморбидитети и пациенти на коишто им треба екстремно големо внимание да им се посвети, особено и поради фактот што се високоризични. Затоа и нивните операции се високоризични. За среќа добро се обучивме, и покрај тоа што пациентите изискуваат многу нега. Затоа често се случува дел од нив да останат и подолго време на клиниката, на Одделението за интензивната нега. Имаме многу пациенти, со тешка патологија која што секако успешно ја изведуваме. Во чекор сме и со сите новини кои ги има во Европа и ние навистина успешно ги реализираме, но дефинитивно ни требаат повеќе и луѓе и простор. Ние постојано имаме потреба од поголем број медицински сестри и анестезиолози, а никако да ги добиеме и секако имаме екстремна потреба од простор. Едноставно работиме во две три соби и интензивна нега. Со овој капацитет и со овој простор, искрено да ви кажам нас ни треба минимум уште 100 проценти повеќе простор од ова што го имаме. Листата на пациенти се зголемува, но не е преголема, а потребата за трансплантации на срце екстремно се зголемува. Тоа значи дека на многу пациенти им е потребна трансплантација, но тие не се сеуште доволно испитани, почнувајќи од амбулантски прегледи, интернистички, кардиологија, се до врвот, кардиоиохирургијата. Пациенти со срцева слабост има многу и јас во повеќе наврати кажувам дека срцевата слабост е епидемија. Бројот на пациенти кои би имале потреба од вградување некој апарат или од трансплантација е навистина огромен. Во моментов, сигурно има на листата 20-тина, а потреба има многу повеќе. Од друга страна, и за оние коишто се на листата, тешко се наоѓа срце. Последнава година навистина имаме голем подем на пациенти кои добија срце, благодарение на хуманоста на нашите луѓе, благодарение на тоа што имавме повеќе донори. Но, треба и уште и уште и ниту одалеку нема доволно донори, вели професорот Јовев.

Посочува дека идејата секој што сака да биде донор на органи, да поседува посебна картичка која ќе се носи во новчаник како лична карта е совршена. Таков е законот во Хрватска.

-По примерот на Хрватска и на Словенија многу работи работиме во врска со срцевата слабост кои што се на некој начин лидери во Европа по бројот на трансплантации. Така треба да биде, навистина треба да се направи копи пејст на нешто што е одлично. Зошто кај нас така се уште не е, а имаше такви иницијативи години наназад, навистина не знам. Но, има тим кои треба да работи на тоа, а секако треба да помогнеме и сите. И ние од наша страна кои директно ги реализираме трансплантациите и Министерството за здравство, и тимот на националната координаторка за трансплантација, д-р Маја Мојсова, и секако вие како новинари, сите заедно да ја подигнеме свеста, а истовремено и да притиснеме таму каде што би можело да има измени, амандмани, во законот за да некои работи се реализираат полесно. Би сакал посебно да истакнам, бидејќи сум во постојана комуникација со хрватските колеги, таму, за да се реши донорството на начин на кој што е решено, огромно влијание имаше црквата. Инаку, многу е полесно да се земе орган од човек кој самиот одлучил да биде донор на своите органи и поседува картичка, па во случај на несреќа, во случај на мозочна смрт да не мора да одлучува семејството во негово име. Тие моменти се навистина многу тешки. Јас се имам видено само со едно од семејствата, во принцип со нив се гледа тимот на д-р Мојсова. Но, во краен случај е добро и некој од нас да биде вклучен. Но, повторно ќе речам, тоа е крајно тежок момент и ние тешко би го доживеале. Се се случува многу брзо и моја задача е да го подготвам тимот за да операцијата помине успешно...заклучува во  разговорот за Фактор, професорот Сашко Јовев.

Анита Буховски

Можеби ќе ве интересира

МОЖНО Е ИЗЛЕВАЊЕ НА КРИВА РЕКА, АКО ПРОДОЛЖИ РАСТОТ НА ВОДОСТОЈОТ: ЦУК со предупредување

МОЖНО Е ИЗЛЕВАЊЕ НА КРИВА РЕКА, АКО ПРОДОЛЖИ РАСТОТ НА ВОДОСТОЈОТ: ЦУК со предупредување

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Лидерите од регионот и пошироко ја честитаат победата на Гордана Силјановска Давкова

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Лидерите од регионот и пошироко ја честитаат победата на Гордана Силјановска Давкова

АЛБАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ЕВРОПА И НАДВОРЕШНИ РАБОТИ: Го поздравувам историскиот резултат на Албанците во Северна Македонија

АЛБАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ЕВРОПА И НАДВОРЕШНИ РАБОТИ: Го поздравувам историскиот резултат на Албанците во Северна Македонија

МИЦКОСКИ: Граѓаните јасно и гласно зборуваа зад параваните

МИЦКОСКИ: Граѓаните јасно и гласно зборуваа зад параваните

„KATИМЕРИНИ“: Атина ја чека заклетвата на Силјановска-Давкова да види како ќе ја нарече државата

„KATИМЕРИНИ“: Атина ја чека заклетвата на Силјановска-Давкова да види како ќе ја нарече државата

ВЈОСА ОСМАНИ ДО СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА: Честитки што стана првата жена претседател на земјата

ВЈОСА ОСМАНИ ДО СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА: Честитки што стана првата жена претседател на земјата

„ОСТАВКИ СЕГА ВЕДНАШ, НЕ СО ОДЛОЖЕНО ДЕЈСТВО И УСЛОВЕНИ“: Деспотовски побара храброст од врвот на СДСМ да го прифати поразот

„ОСТАВКИ СЕГА ВЕДНАШ, НЕ СО ОДЛОЖЕНО ДЕЈСТВО И УСЛОВЕНИ“: Деспотовски побара храброст од врвот на СДСМ да го прифати поразот

СТРАШНО НЕВРЕМЕ ВО ГЕВГЕЛИЈА: Паѓаше град со големина на орев

СТРАШНО НЕВРЕМЕ ВО ГЕВГЕЛИЈА: Паѓаше град со големина на орев

ПАДНА ПАЗАР МЕЃУ УШТЕ НЕОФОРМЕНАТА ВЛАСТ? Еве што сподели професорката Ванковска

ПАДНА ПАЗАР МЕЃУ УШТЕ НЕОФОРМЕНАТА ВЛАСТ? Еве што сподели професорката Ванковска