Николиќ се надева дека Србија и Република Српска ќе бидат едно?
Објавено во: Балкан 27 Мај, 2017
Српскиот претседател во заминување, Томислав Николиќ вчера изјави дека искрено се надева дека Србија и Република Српска „еден ден ќе бидат едно“.
„Да, јас искрено се надевам дека еден ден ќе бидеме едно“ -изјави Николиќ на локацијата на која се гради мостот „Братољуб“ на реката Дрина, со кој ќе се поврзат српскиот град Љубовија и босанскиот Братунац, кој административно припаѓа во Република Српска.
Николиќ рече дека спојувањето на Љубовија и Братунац има голема симболика, додавајќи дека Србија и Република Српска и покрај противењата, „со тешка мака и многу напори ја градат својата заедничка иднина“.
„Додека Европа се обединува и меѓу многу земји во светот се раѓаат некакви сојузи и организации за остварување на заедничките цели, овде еден народ кој е поделен со Дрина има мака да докаже дека се што се работи во Србија има влијание и во Република Српска и обратно“ - вели Николиќ.
Тој истакна дека Србија и Република Српска „ќе се поврзат“, додавајќи дека српскиот ентитет во БиХ „сака да се развива заедно со сите останати во Србија“.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој го придружуваше Николиќ, изјави дека мостот ќе биде изграден и пуштен во употреба до крајот на август.
Додик кажа дека мостот е особено важен за поврзување на жителите на тој дел на Србија и на Република Српска, па затоа и е наречен „Братољуб“.