Нимиц: Македонија е призната држава, со Грција да го решат спорот за името
Објавено во: Балкан 28 Мај, 2017
Решавањето на спорот со името треба да биде високо на агендата на новата македонска влада, препорача специјалниот претставник на ОН и медијаторот во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц.
Во интервју за грчкиот весник „Риал њуз“, тој истакна дека очекува да се формира новата влада во Македонија, за да започнат сериозни преговори за решавање на проблемот кој постои помеѓу Скопје и Атина. Решението на овој спор, според него, ќе помогне да се решат и други проблеми во регионот.
„Тоа е клучот кој ќе ја отвори вратата за да се решат и други спорови во регионот“, изјавил Нимиц. Тој истакнал дека се опасни и погрешни некакви разговори и идеи за промена на границите, особено на границите на Балканот. Во интервјуто посредникот упатува апел до Албанците во Македонија да бидат лојални граѓани и да работат во насока на демократско решавање на проблемите.
Официјалните преговори за спорот околу името се долготрајни поради политичката криза и политичките и финансиските проблеми во Грција. Нимиц, во едно претходно интервју за грчките медиуми, објави дека откако се формира влада во Македонија, тој планира да ги активира повторно преговорите меѓу двете земји и да ги зајакне напорите за наоѓање на решение на спорот за името.