Нова демократија бара Ципрас да ја објасни најновата изјава за спорот со името
Објавено во: Балкан 11 Декември, 2017
Грчката опозициска партија Нова демократија денеска побара од премиерот, Алексис Ципрас да ја објасни неговата изјава дадена во Белград во врска со прашањето за името на Македонија.
Портпаролката на Нова демократија, Марија Спираки, побара од Ципрас да каже дали важи општоприфатената национална позиција формирана на Самитот на НАТО во Букурешт 2008 година дека евентуалното решение за името мора да биде за севкупна употреба односно „ерга омнес“.
Ципрас во саботата во Белград на заедничката прес-конференција со неговите колеги од Србија, Бугарија и Романија изјави дека очекува во 2018 година да има позитивни случувања во однос на прашањето со Македонија доколку Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред.
„Можеби 2018 година ќе донесе некои позитивни случувања доколку новата Влада во Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред кон решавање на тој проблем. Ако тие се откажат од реториката дека се единствени потомци на Александар Македонски и од своите иредентистички тврдења, тогаш можеби и би можеле да најдеме некое заедничко решение. Во тој случај јас ќе бидам првиот кој ќе ја гарантира европската перспектива безбедност и сигурност на соседната земја“ - изјави Ципрас.
Нова рунда разговори за името има по пауза од три години, односно денеска и утре се одржува во Брисел.