29 Април, 2024
0.0264

Од дизајнер на чевли до хуманитарка на терен – има надеж за мигрантите!

Објавено во: Стил 12 Август, 2015

Добивај вести на Viber

Младата Александра Давидовска од Куманово е дизајнер на чевли. Тоа вели е нејзина професија која ја работи неколку години во семејната фирма. Но, од мај годинава кога почна напливот на мигранти во земјава, таа е постојано на терен. Најчесто на северната граница. За неа волонтирањето на терен во групата “Help the migrants in Macedonia” е исполнување на душата, бидејќи како што вели барем еднаш  човек одблиску да ја види состојбата во која се наоѓаат мигрантите, гладните и истоштени бебиња, болни мајки и родители, инвалиди-  никогаш повторно нема да биде истиот човек, барем во поглед на хуманоста.

“Вечерва возот доцни и очекуваме да пристигне околу 22 часот. Мигрантите од  Гевгелија до Табановце патуваат по неколку часа, а во вагоните е преполно. Многумина кога ќе стигнат се истоштени, дехидрирани, гладни. Деновиве имаме поголем број на мајки со мали дечиња кои имаат приоритет во однос на хуманитарната помош. Делиме хигиенски, потоа  пакети со храна, вода, облека. Честопати се случува некој да загуби член од своето семејство уште на јужната граница и ќе мора да го чека со следните тури. За нив правиме импровизирани легла. Жално е да гледате мали деца како спијат на асфалтот, на дожд, на сонце. Но она што според мене е  најбитно и можеби најкорисно е што им даваме информации како да стигнат до медицинска помош ако им е потребна, каде се наоѓаат, кои следни патишта да ги користат. Овие луѓе честопати се изложени на малтретирање бидејќи неможат сами да се снајдат” -вели Александра.

11141381_10207164357409738_8271521359647287520_n

Деновиве додава таа, имала можност со нејзини колеги да ја помине рутата која ја минуваат мигрантите по напуштање на македонската граница. Била во  Прешево, Суботица, Белград. Во Србија,  објаснува дека  имаат соработка со регионалната мрежа на хуманитарни организации кои некогаш организираат превоз за да им помогнат на бегалците полесно да транзитираат низ земјата. Особено на ранливите категории, мајките, бебињата и болните лица. Нивните колеги раскажува, со комбиња ги собираат од автопатиштата. Но не ретко вели мигрантите поради неинформираност паѓаат во замки на криумчари и банди.

“Во Србија бев пред неколку дена и поминав низ неколку места каде најчесто одат мигрантите. На Србско-унгарската  граница бевме сведоци на апсење на цела група мигранти меѓу кои и мали дечиња. Тие избезумено бегаа по полето. Насекаде врискање и плач. Тоа беше страотна глетка. Во Суботица еден сириец беше избоден до смрт пред очите на неговото семејство”-објаснува хуманитарката.

Поради обврските на терен трпи нејзиниот личен живот, дружбата со пријателите, со семејството. Но за неа, активностите на терен се најголемиот приоритет.

“Од крајот на мај немам излезено навечер да се видам со пријателите, многу малку ги гледам и домашните. Но она што ми ја полни душата е што помагам на луѓе кои навистина се во невоља. Незнаеме каква судбина има секој човек, но сигурно би сакале да има кој да ни подаде рака ако некогаш ние  се најдеме во ваква состојба. Бев ангажирана секојдневно и во џамијата во Куманово каде беа стационирани мигрантите  пред донесувањето на законските измени. Откако се реши еден дел од законските бариери, секојдневно сум на Табановце и тоа најчесто попладне бидејќи тогаш поминуваат неколку воза со најмногу мигранти. Тука некогаш останувам до рано наутро. Во моментов имам  замена на работа бидејќи во спротивно  ќе трпи работата, а од фирмата се ранат неколку фамилии. Реално сега  неможам ниту  да прекинам да доаѓам овде. Едноставно неможам”-вели Александра

11695709_1123620430985974_4024011188268638655_n

Засега објаснува Давидовска има донации од граѓани кои секојдневно им  се делат на мигрантите кои ќе се симнат од возот пред Табановце. Но според последните бројки со кои неофицијално оперираат невладините,  дневно низ земјава минуваат и по 2000 луѓе. Нивната бројка  и покрај ограничениот капацитет на вагоните секојдневно расте. Оттука според неа, неизвесно е за колку време ќе можат да обезбедат сигурна хуманитарна помош, бидејќи залихите се трошат,  а бројот на мигранти не се намалува. Иако веќе со месеци таа волонтира на северната граница, без покриени трошоци и без тронка слободно време, за неа оваа работа е исполнување на животниот сон- “да помогне на изморените раце кои бараат помош”.

Можеби ќе ве интересира

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти