29 Април, 2024
0.0248

Ова се стравовите кои први треба да се надминат

Објавено во: Стил 14 Август, 2015

Добивај вести на Viber

Жарко Димитриоски е автор и водител на најпопуларното домашно ток-шоу “Еден на Еден” и креативен директор во истоимената маркетинг агенција . Секој петок ви ги пренесуваме неговите пораки во однос на бизнисот, маркетингот и претприемништвото кај нас.

Кога нешто започнуваш од 0, многу е природно да постои страв. Во времето пред затворањето на А1 имав се што ми требаше. Супер платена работа, пристојно и релаксирано работно време, влијателна позиција, убава можност за многу интересна иднина во областа...

Откако на сето тоа ненадејно дојде крај, се соочив со најосновните прашања. Бев приморан да започнувам со се речиси од темел. Пропаднаа парите, реласкираното работно време, позицијата, се! Но, еве толку години потоа, чувството е одлично да си сам свој газда. Водам успешна маркетинг агенција со силни клиенти и секојдневието е повторно како што треба. Дали се плашев? Секако. Еве и од што...

Страв од неуспех

Ова е еден од најчестите стравови и секако, оној поради кој најмногу бизниси и идеи остануваат незапочнати и нереализирани. Можеби општото мислење е дека претприемачите обожуваат ризик и дека го бркаат по секоја цена, дека не се плашат од ништо, но тоа е далеку од вистината. Секој се плаши од неуспех, а најубавиот начин да се соочите со тој страв според мене, е едноставно да помислите што ќе се случи доколку не преземете ништо. Зарем тоа статус-кво е пофина опција од превземањето акција? Во најголем дел од случаите ќе се одлучите на тој пресуден прв чекор и авантурата ќе започне.

Треба да се разликуваат и специфични и општи стравови. Специфичните стравови се нешто кое може да се анализира, да се информирате околу тоа и сл. Општите стравови кои немаат некоја сериозна основа и постокат туку-така, само за да ве заплашат, се само ментална блокада која на крајот на краиштата е и најлесна за ослободување од истата.

Страв од грешки

Ако стравот од неуспех може да ве натера да не се впуштите воопшто во бизнис авантура, овој тип на страв е малку посуптилен и може да има многу посериозни последици. Ова е страв кој се темели на егото и кој може да ве натера да останете трасирани на еден пат мислејќи дека е вистинскиот, притоа игнорирајќи ги знаците кои укажуваат на тоа дека всушност треба да се вратите некој километар наназад и да свртите на друга страна. Се случува доста често да е поврзан со лични чувства и лични релации. Замислете го ова – имате вработен со кој имате одлични релации, можеби и ви е роднина. Но, компанијата расте, расте и доаѓа до момент кога едноставно истиот тој човек веќе не може да ја врши работата на нивото кое го барате. Што да направите? Ќе згрешите ли ако го оставите или ќе згрешите ако го тргнете од таа позиција? Ако го трнете, што ќе правите со него? Ќе му речете да си бара друга фирма или ќе пробате да го задоволите некако со пониска позиција?

Овој страв се надминува само со длабинско размислување, тестирање, анализи и информирање. Секогаш кога ќе бидете во ваква дилема размислете за одлуката што сакате да ја донесете и запрашајте се како ќе се чувствувате за истата после 5 месеци, 1 година и 5 години? Ако е вистинската, одлуката сама ќе ви дојде веднаш потоа.

Страв од несакање

Правиш бизнис. Целта ти е да ги задоволиш сите или целта ти е да ги задоволиш само твоите потрошувачи? Ова е многу полесно да се одговори теоретски, отколку да се имплементира во пракса. Но, истото е исклучително важно во бизнисот. Не може и не смее да го бркаш тоа сите да се задоволни и среќни од твојот производ. Мора многу внимателно да се одреди таргетот и да се фокусира бизнисот на задоволување само на таа група, само на таа демографија. Ако во твојата порака пробаш и целиш на тоа да ги вклучиш сите, наместо само твојата публика, ќе завршиш со порака која ќе биде нејасна, конфузна и која само ќе ги оттуѓи твоите потрошувачи.

Дали во шоуто кое го продуцира нашата агенција, Еден на Еден, вметнуваме се живо и диво што сметаме дека е смешно и квалитетно? Секако дека не. Нормално дека се трудиме да правиме што поквалитетна програма на која ќе сме горди, но исто така и внимаваме на тоа да се задоволни нашите конзументи. Сепак, на крајот на денот работиме за тие да се задоволни. Доколку само ние во студиото останеме насмеани, а сите пред телевизорите се прашуваат “добро, што побогу беше ова?” многу јасно е дека сме ја промашиле целта.

Повторно ќе кажам, стравот е природен. Најдобрите од добрите и просечните не ги дели тоа што немаат никакви стравови. Ги дели тоа што имаат подобра способност да се соочат со нив и да ги надминат, притоа донесувајќи ја паметната одлука. Затоа внимавајте и гледајте долгорочно, а не само денес за утре.

Можеби ќе ве интересира

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти