Пенелопа им донесе повеќе од 16.000 молњи
Објавено во: Балкан 03 Декември, 2018
Бурата Пенелопа за шест дена кај јужниот сосед донесе 16.200 молњи, обилни дождови, снег и силен ветер.
Ова го покажуваат податоците од мрежата на метеоролошки станици на грчката опсерваторија во Атина и „метео.гр“.
Во градот Хања на грчкиот остров Крит се регистрирани 428 милиметри дожд на квадратен метар, а системот ЗЕВС за следење на молњите регистрирал 16.200 молњи во период од шест дена.
Невремето, кое од метеоролозите го доби името Пенелопа и ја зафати Грција во периодот од 25 до 30 ноември, имаше две лица, топло и студено. Топлиот бран беше во првите три дена со обилни врнежи во западниот дел од земјата, јужен ветер и прашина во воздухот, а студениот во останатите три дена беше со молњи, силен дожд, особено на островот Крит и силен ветер што донесе значителен пад на температурата и снег на планините, јави дописничката на МИА од Атина.
Пенелопа донесе и снег од над 30 сантиметри на планините во североисточниот и централниот дел на Грција, но и силен ветер со јачина од 113 километри на час, регистриран на планината Пендели кај Атина.