По земјотресот, 100.000 свлечишта во Нов Зеланд
Објавено во: Свет 15 Ноември, 2016
Повеќе од 100.000 свлечишта има во Нов Зеланд по земјотресите кои деновиве ја зафатија земјата.
По силниот земјотрес со јачина од 7.8 степени според Рихтер и силен бран на афтершокови, илјадници луѓе се „заробени“ во градовите во Нов Зеланд кои се близу епицентарот. Во регионот на Кантербјури прогласена е вонредна состојба.
Над областите Хурунуи и Каикура хеликоптери се впуштени во спасувачка мисија на туристите и луѓето кои живеат во отсечени места. Во Кантербјури испратени се и два брода кои помагаат во спасувањето.
Властите се во спасувачка мисија на околу 150 луѓе околу Каикура, рече премиерот Џон Кеј кој додаде дека морнарицата на САД волонтира при спасувањето.
Кеј исто така додаде дека поради земјотресите и случувањата кои постојано се менуваат, пропуштил и повик од новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп.
На неопределено време затворени се голем број патишта. Во некои места уште нема струја.