Приведениот Стевчо Јакимовски денес ќе биде изведен пред судија
Објавено во: Македонија 08 Август, 2018
Стевчо Јакимовски, поранешниот градоначалник на Карпош синоќа е приведен и се наоѓа во една од полициските станици во Скопје, а до крајот на денот се очекува тој да биде изведен пред судија на претходна постапка.
Вчера финансова полиција влезе во неколку станбени објекти на семејството Јакимовски, барајќи документи за неколку случаи.
„Стевчо Јакимовски синоќа околу 23 и 30 минути е лишен од слобода. Согласно Законот за кривична постапка течат роковите и во наредните 24 часа тој треба да биде изведен пред судија на претходна постапка. Дотогаш тој ќе биде во полициска станица. Очекуваме утрово да бидеме повикани пред судија на претходна постапка кога ќе се знае дали ќе има некакви предлог мерки од обвинителството и другите надлежни органи“, кажа адвокатот на поранешниот градоначалник Виктор Цветковски, кој смета дека ова е атак врз политичкиот ангажман на Јакимовски.