02 Мај, 2024
0.0414

Разговор со Славој Жижек: Луѓето поради оваа „Пандемија“ буквално го губат разумот

Објавено во: Македонија, Балкан 25 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Книгата „Пандемија“ на контроверзниот словенечки филозоф Славој Жижек неодамна беше промовирана и на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Делото веќе е во продажба во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk. Во неа се вклучени видувањата на овој интелектуалец врзани со корона-вирусот и како владите треба соодветно да се справат со овој проблем. Жижек во рамки на онлајн разговорот со уредникот на македонското издание, Филип Видиновски, се навраќа на едно од поглавјата во делото кое вели: „или комунизам или варварство“.

‒ Мислам дека, кога гледам што се случува во последните две недели, кога во некои земји, како Бразил, има огромен број ново заразени, уште повеќе сум уверен дека имав право кога го напишав тоа. Но, да разјасниме, под комунизам не мислам на она што го имавме ние или Источна Европа, знаете, владеењето на партијата итн., туку на нешто мошне елементарно. Не мислам на она за што сонуваше Маркс, комунизам на изобилство, секој го има она што сака. Како што реков, многу песимистички, мислам повеќе на она што некогаш се нарекуваше работен комунизам, кога си во очајна ситуација и им даваш приоритет на опстанокот и безбедноста пред сè друго. Прво, гледаме дека дури и здравствената ситуација не е баш под контрола. Имаме земји во кои целосно e надвор од контрола. Второ, а ова сè повеќе и повеќе ми е опсесија, погледнете ја, не толку многу општата економска ситуација, туку ситуацијата со храна. Западна Европа сè уште се снаоѓа. Но, ако ги прочитате податоците од последните денови, во Гитерсло, Германија, открија речиси 1000 заразени – посочува Жижек.

Од друга страна, познатиот филозоф се осврна и на проблемите во САД и во други земји од Западна Европа.

- Сепак, ова не е само во Германија, која известува поискрено, туку и во Англија, Франција, САД. Во САД, милиони тони овошје и зеленчук скапуваат на полињата. Затоа што поради затворените граници, не можат да ги најмат вообичаените мексикански имигранти, па сега отворено пишуваат дека има можност за криза со храна. Трета работа е меѓународната ситуација. На еден миг, бев толку глупав, не бев оптимист, но мислев дека барем државите ќе го следат повикот на Емануел Макрон да се прогласи, барем за време на кризата, некој вид меѓународно примирје, без конфликти. Сега гледаме што се случува во Индија, Кина, Тајван и насекаде. Државите ја користат оваа ситуација, знаејќи дека сите се загрижени за вирусот, па си велат, ајде да ја искористиме оваа ситуација. Потоа, во државите што ги спомнавме, има културна војна, антинаучна, традиционална. И ги разбирам луѓето, не ги презирам. За обичните луѓе, кои се навикнати на одреден начин на живот, сакаат да се шетаат и да се дружат, овој вирус е нешто ужасно за нив. Затоа не им се смеам кога велат: „дури и да умрам, сакам да живеам нормален живот, ова е премногу“. Културен конфликт. На пример, она што го прави Трамп сега, не ги следам најновите вести, па не знам дали ќе го направи тоа или не. Идејата да организира митинг со 400.000 луѓе. – додава Жижек.

Ставот дека се заштитени од Бог, Жижек вели дека го слушнал од повеќе верски лидери кои го мислеле тоа и потоа умреле.

‒ Последната работа што е и најважна. А тоа е ставот „да се обидеме да го игнорираме ова, не е толку сериозно“. Се распаѓаме и притоа се плашам од страшни психички последици за менталното здравје. Податоците што ги добивам се застрашувачки. Еден пријател од Милано ми кажа дека во таа област, Ломбардија, повеќето од половина возрасни луѓе имаат сериозни психички проблеми. Во САД, бројот на самоубиства нагло порасна, луѓето буквално го губат умот. Да се вратиме на мојата поента, односно прашањето што мислам под комунизам? Се разбира, тоа не е владеење на централниот комитет или слично, туку нешто елементарно. Во една ваква ситуација, која не е војна, не можеш да бидеш во војна со вирус кој е глупав механизам што се размножува, но во една ваква екстремно вонредна ситуација, мислам дека на пазарот не треба да му биде дозволено да функционира како основен механизам за општествена репродукција. Не велам дека е потребна нова комунистичка партија, туку она што ме фасцинира е дека многу конзервативни политичари го прават тоа. Погледнете што прават некои луѓе кои не ги сакам баш многу, како Доналд Трамп и Борис Џонсон. Да, им помагаат на големите компании, монополите итн., но истовремено и ја следат ситуацијата, затоа што кога имаш нови 40 милиони невработени луѓе во САД, не можеш да ги оставиш да гладуваат. Па, де факто, мораа да воведат некој вид универзален основен приход. А на ниво на производство, здравствениот систем мора да функционира, потребни се повеќе болници, можеби не универзална, но глобална здравствена заштита. Храната треба да биде обезбедена, а ова ќе биде голем проблем. Не само во развиениот свет. Луѓето се загрижени за она што се случува сега во Бразил. Но, ова е мал, не е голем проблем. Прочитав дека африканските земји, во кои ситуацијата со Ковид е најлоша, се оние што одгледуваат најмногу какао. Па, знаеме уште сега дека чоколадото, веројатно нема да исчезне, но ќе биде многу скапо. Она што сакам да го кажам е, зар не е јасно дека некои работи треба да станат приоритет? Треба да кажеме, добро, капитализмот е ефикасен на своето ниво и можеме да задржиме некои механизми на пазарот, но првата задача на владите, меѓународната заедница, со помош на локалните заедници, е да ги организираат следните основни работи: здравствена заштита, мобилизација, обезбедување храна и се разбира, основни работи како, ова е многу сериозна опасност, вода, струја, канализација, отпад, и секако, она што го правиме сега. – посочува Жижек.

Целиот разговор со познатиот филозоф може да го погледнете на следниот линк:

https://www.facebook.com/literatura.mk/videos/296134801474480/


Можеби ќе ве интересира

Петгодишно дете пронајденo со полиција во паркот во Сарај

Петгодишно дете пронајденo со полиција во паркот во Сарај

Пронајдена човечка коска од гробишта каj Клинички центар

Пронајдена човечка коска од гробишта каj Клинички центар

Од МВР нема одговор за „вооружената група во Чаир и Бутел“

Од МВР нема одговор за „вооружената група во Чаир и Бутел“

Чувар на паркинг пронајден починат во куќарка

Чувар на паркинг пронајден починат во куќарка

Каевски и Мојсовски сметаат дека политички се обвинети од ОЈО

Каевски и Мојсовски сметаат дека политички се обвинети од ОЈО

Нема да се знае кога ќе биде доведен Палевски, поради безбедносни причини

Нема да се знае кога ќе биде доведен Палевски, поради безбедносни причини

Деспотовски: Ново партиско раководство што ќе подаде рака кон членството

Деспотовски: Ново партиско раководство што ќе подаде рака кон членството

Изет Меџити кандидат за министер за внатрешни работи: Ќе видиме наредните денови

Изет Меџити кандидат за министер за внатрешни работи: Ќе видиме наредните денови

Водно денес без место за паркирање

Водно денес без место за паркирање