СИРСКИ ЗА МОБИЛИЗАЦИЈАТА: Очекуваме да имаме доволно луѓе способни да ја бранат нашата татковина
Објавено во: Свет 29 Март, 2024
Врховниот командант на украинската војска, Олександар Сирски вели дека Украина ќе мобилизира помалку мажи отколку што се мислеше. Претходно се споменуваше бројка од 500.000.
Сирски, назначен во февруари, во интервју за украинските медиуми објавено денеска изјави дека бројката е „значително намалена“ по прегледот на ресурсите, но не даде детали. Тој наведе дека има и доброволци.
„Очекуваме да имаме доволно луѓе способни да ја бранат нашата татковина“, изјави Сирски за новинската агенција Укринформ.
За градот Авдеевка, Сирски рече дека неговите сили сигурно би ги задржале своите позиции доколку Киев добиел повеќе муниција и системи за противвоздушна одбрана од своите западни партнери.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека Русија за мај планира офанзива и затоа бара воена помош. Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари 2022 година.