Туристи од Австрија „бегаат“ од Хрватска, откако ја прогласија за високоризична
Објавено во: Балкан 16 Август, 2020
Поголеми конвои на возила се формираат на граничните излези од Хрватска, откако Италија и Австрија ја вклучија земјата на списокот на држави со висок ризик, како резултат на зголемувањето на бројот на заразени со коронавирусот.
Некои од туристите од тие земји рекоа дека одморот им завршил и дека не ја напуштаат Хрватска заради вирусот корона, додека други рекоа дека ќе го прекинат одморот за да не мора да одат во карантин по враќањето во матичната земја.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц во неделата рече дека сите оние што се вратиле во Австрија од Хрватска на 7 август, односно кои се враќаат на полноќ, имаат можност за бесплатно тестирање и апелираше до граѓаните да ја искористат оваа можност.
Околу 3.000 австриски државјани се официјално на годишен одмор во Хрватска, но властите веруваат дека тој број е многу пати поголем, објави хрватскиот портал Индекс.
Сообраќајот е зголемен на крајбрежните патишта, траектните пристаништа, повеќето патишта кои водат кон внатрешноста, како и на некои гранични премини каде е можно подолго чекање (повеќе од еден час). На автопатите во близина на одморалиштата и крстосниците можни се пократки одложувања, возење во колона и забавено, соопшти Хрватскиот автомобилски сојуз.