Уапсен маж кој планирал напад во Белград
Објавено во: Балкан 07 Септември, 2017
Во Белград денеска е уапсен 35-годишниот И.Д. за кого се сомнева дека бил во контакт со екстремистички организации и планирал да изведе терористички напад.
„Вечерње новости“ пренесува дека станува збор за лице кое што пред една година преминало во ислам, но сепак 35-годишниот маж немал директна врска со терористичката организација „Исламска држава“.
Весникот објави дека станува збор за психички растроено лице, а извори од српската разузнавачка служба „БИА“ тврдат дека тој факт не ја намалува потенцијалната опасност.
Во неговиот стан се пронајдени планови и белешки за тоа во кое време и на кои места треба да ги организира нападите со цел да има што е можно повеќе жртви. Пронајдени се и скици за изработка на различни експлозивни направи.