Владимир Талески во болница место на завршните зборови за „Транспортер“
Објавено во: Македонија 02 Март, 2020
Поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талевски, денеска не дојде на завршните зборови од судското рочиште за случајот „Транспортер“ на поранешно СЈО, а судијката Добрила Кацарска се закани дека ќе добие притвор доколку се покаже дека медицинската документација поради која се одложи рочиштето не е аргументирана.
„Документацијата ќе биде проверена, и доколку се работи за намерно одолговлекување на постапката, Судот ќе одреди мерка притвор за секој кој ќе се обиде да го направи истото.“, рече Кацарска во судница.
На останатите обвинети им порача да не го пробуваат истото и поради нивната неодговорност да одговара некој лекар. Судот посочи дека Талески извадил лекарска белешка од Клиниката во Битола, а во истата не било наведено колку Талески ќе биде на боледување.
Судењето за Транспортер се одложи за во среда, а обвинети се поранешниот градоначалник Талески и уште 22 лица поради злоупотреби на службената положба во врска со превоз на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.
Случајот се наоѓа во завршни зборови и е пред самиот крај по што следува првостепена пресуда. Како што дознава ТВ21, синоќа Талески е хоспитализиран во битолската болница со здравствени проблеми.
Застапник на обвинението е Трајче Пеливанов.