Нано Ружин за Фактор: Една грешка постојано се повторува кај СДСМ и тоа ги чинеше голем пораз
Објавено во: Македонија 09 Мај, 2024
Разни функционери од најгорниот до најдолниот политички ешалон се затворија за народот и тоа постојано се повторува кај СДСМ, вели универзитетскиот професор Нано Ружин за „Фактор“ како своевремен поддржувач на политиките на актуелната власт, а по катастрофалниот пораз на актуелната владеачка партија на вчерашните парламентарни избори.
- Затворање во сопствените кругови, надвор од видокругот на народот, е стара болка на СДСМ. Водството и поединци се посветија на сопствениот интерес, а заборавија зошто се на власт, искоментира поранешниот дипломат и амбасадор во НАТО.
Според Ружин, за големиот пораз влијаеле и неколку други клучни фактори,кои допрва треба да се анализираат.
- Има едно политичко правило дека должината на мандатот оди обратнопропорционално со популарноста. Сепак станува збор за владеење од седум години, во кое имаше добри работи, но имаше и големи промашувања. На ова ДУИ му доаѓа како додаток. Немаше солидарност во коалицијата, тоа можеше да се види. Тука е и исполнувањето на државниот интерес во глобални рамки што го направи раководството непопуларно, смета Ружин.
Во однос на победата на ВМРО-ДПМНЕ, тој смета дека извесната нова влада што ќе биде формирана ќе продолжи по истата линија на остварување на националните интереси, но дека ќе има последици по демократијата.
- Разликата во резултатот е голема и тоа не е добро за демократијата. Но, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи на полето на остварување на државните интереси. Тоа дека 100 дена треба да им се остави да работат без притисоци е веќе мит во политиката.Резултати ќе се бараат веднаш од нив и ќе има притисоци, тврди Ружин.
Вели дека најинтересно од целиот исход на парламентарните избори е како ќе се однесува ДУИ во иднина.
- Може доста работи да се прочитаат од лидерот Али Ахмети меѓу редови. Тие не се само 18-19 пратеници сега, туку и маса од функционери, пред се директори, кои сега се „загрозени“. Очекувам притисоци од нивна страна, повикувајќи се на тој изборен легитимитет дека имаат повеќе гласови во својот блок, вели Ружин.