Во БиХ осуда за изјавата на Николиќ која атакува на интегритетот на земјата
Објавено во: Балкан 27 Мај, 2017
Босанската Партија на демократска акција (СДА) најостро ја осуди изјавата на српскиот претседател во заминување, Томислав Николиќ, со која порача дека „се надева оти еден ден Србија и Република Српска ќе бидат едно“.
Од СДА се надеваат дека со заминувањето на Николиќ ќе замине и односот на Србија кон Босна и Херцеговина, кој тој го преставувал.
„Изјавите преку кои се атакува на територијалниот интегритет на БиХ се препреки кон обновата на добрата соработка помеѓу земјите од Западен Балкан, која Србја само вербално ја прокламира. БиХ го зачува својот територијален интегритет и суверенитет и во многу потешки околности“- додаваат од партијата.
Велат дека БиХ секогаш ќе биде едно, а наследниците на Николиќ да водат сметка за својата држава.
„Додека Европа се обединува и меѓу многу земји во светот се раѓаат некакви сојузи и организации за остварување на заедничките цели, овде еден народ кој е поделен со Дрина има мака да докаже дека се што се работи во Србија има влијание и во Република Српска и обратно“ - рече Николиќ.
Тој истакна дека Србија и Република Српска „ќе се поврзат“, додавајќи дека српскиот ентитет во БиХ „сака да се развива заедно со сите останати во Србија“.