Во животот бев нечесен само кон себе: Интервју со Игор Џамбазов
Објавено во: Македонија, Интервјуа 31 Декември, 2019
Еден бивш премиер, во една прилика, мртов сериозен ми кажа: А бе, што ќе ви се на вас глумците пари? Па, не ни требаат. Ни тогаш, ни сега. Ни треба само малку повеќе почит – вели актерот.
Игор Џамбазов е заштитен знак не само на македонското глумиште, туку и човек кој со својот шарм и отвореност успева да го допре срцето и на обичниот човек - од најзафрленото демирхисарско село па се` до поширокиот балкански регион. Со Џамбазов поредновогодишно разговаравме за сите негови животни подеми и падови, за тоа што научил од дедо му Петре Прличко, но и за тоа зошто театарот и жените се уништувачки ама и неопходни
Во времето пред и за време на празниците луѓето ги обземаат еуфорија или пак чувство на депресија. Каде се наоѓате на оваа скала?
Џамбазов: Сите ние сме некаде помеѓу депресијата и еуфоријата. Тоа е оној ден во годината кога депресивните се обидуваат да бидат еуфорични. И тоа не изгледа баш најсјајно. Kога обично го трошиме целиот буџет за месец јануари, па некаде после Водици, не` стигнува голема доза на каење. Кога бев дете, сето тоа беше толку многу волшебно, мистично и романтично... Во деведесеттите години од минатиот век беше развратно, лудо и незаборавно. Постојат две или три нови години на кои едноставно не се сеќавам, а викаат убаво сме си поминале, хехехехе... Денес, Новата година ни е нешто што мора да помине, некаков товар, обврска, што ли? А не е ништо друго освен еден здодевен кич. Кич до бесознание.
Вашиот приватен живот- подеми или падови е на целосен увид на јавноста. Никогаш не сте ги криеле ни сопствените пороци и маани - дури и пишувавте за нив. Дали ваквото соголување понекогаш предизвикало негативни искуства или напротив – имало терапевтска улога?
Џамбазов: Е, токму тие негативни чувства се обидов да ги претворам во нешто позитивно, нешто вредно. Седнав и почнав да пишувам. И тоа се покажа како најдобрата можна терапија. И што е најважно...делува. Па и денес, кога тие негативни чувства ги има во сосема нормални, подносливи дози, јас сум мирен, затоа што ја имам терапијата во сопствената глава.
Како после толку години во театарот би го резимирале чувството кога ќе стапнете на сцена? Ја живеете ли истата возбуда како некогаш?
Џамбазов: Тоа е исто како да ме прашате дали и денес ме возбудува добра жена. Жените и театарот се слични. Те вовлекуваат во нивните игри, во нивните сплетки, те уништуваат во секоја смисла, а ти и покрај сe` - не можеш без нив. Да, сега е фазата во мојата кариера кога едноставно уживам во секоја изведба, во секоја реакција на публиката, во секој бис на крајот од претставата. Редовно ги играм „Брачна игра“ и „Говорна мана“, и најмногу од се` се радувам на фактот што огромен процент од публиката се ептен млади луѓе кои прв пат ме гледаат во театар. Драго ми е што ќе дознаат дека јас не сум само чичко Бинго, Голиот човек и Миле Бузалески...
Има ли улога за која сте морале баш својски да се помачите и „превртите наопаку“ за да ја одиграте?
Џамбазов: Без двоумење, тоа е улогата на безименото дете во монодрамата „Детски работи“ од Ремон Кус, во режија на Коле Ангеловски. Станува збор за шестгодишно детенце кое ја раскажува приказната на својот живот. Во таа негова 70- минутна временска машина, јас одиграв точно 22 улоги кои тој ги спомнува во своите приказни. И со букви – двесетидве! Тоа беше предизвик на кариерата. Коле точно знаеше што треба да направиме, бидејќи ме познаваше како никој друг. Тоа е улога после која конечно и колегите и театарските критичари почнаа да ме сметаат за актер на кого може да сметаат. Во 1994 година за неа ја добив наградата „Ристо Шишков“
Како во неколку реченици би ја опишале продукцијата на македонските театри во моментов? Дали театарот успеа да си го врати некогашниот сјај?
Џамбазов:Театарот, па и уметноста воопшто не трпат три работи: антиталенти, партија и администрација. И има ли потажно од тоа кога ќе сфатиш дека ти, како уметник си, всушност, само една бројка, еден небитен штраф од машината што те меле? Нема.
Еден бивш премиер, во една прилика, мртов сериозен ми кажа: А бе, што ќе ви се на вас глумците пари? Па, не ни требаат. Ни тогаш, ни сега. Ни треба само малку повеќе почит. И после сето ова очекувате да зборувам за театарската продукција? Се снаоѓаат луѓето. Менаџерите, директорите, трчаат, молат, кукаат...прават се`, само за да може да го работат она за кое сонувале. Да создаваат уметност.
Дете сте на извонредно талентирани родители и прекрасни луѓе – Анче и Александар Џамбазови и внук на Петре Прличко. Кои се најважните работи што ги научивте од секој од нив поединечно?
Џамбазов: Од мајка ми научив како се сака. Ако сакаш, сакаш без поговор. Таа ме научи како да ги сакам најблиските, како да ја сакам својата професија, како да го сакам секој ден од животот. Ова последново не ми успеваше баш секогаш. И само тука ја разочарав. Од татко ми научив дека креативното лудило е дозволено. Од него научив и дека најважна е чесноста. И се трудев да бидам чесен. Мислам дека успеав, затоа што во животот бев нечесен само кон себе. А од дедо Петре научив дека ако не мислиш дека си центар на светот, не можеш да бидеш актер, хехехехе...од него научив дека „боемштината“ не значи да си пијан од утро до мрак. Дека тоа е начин на живот. Боемштината се љубовта, другарството, музиката и поезијатаво едно.
Кои се клучните точки од вашиот живот што ве дефинираат како овој човек денес?
Џамбазов: Клучните точки што ме дефинираат? Уффф...кај ме најде сега пред Нова година? Мислам дека она што ме дефинирало како личност е заслуга само и само на моите гени. Тоа е една од малкуте работи од кои не можеш туку-така да избегаш. Гените. Како човек, како личност, мене ме дефинираа моите родители, пријатели, песни, улоги, книги, концерти. И имам намера уште долго да ме дефинираат.
Имате ли најдобар пријател?
Џамбазов: Не. Ама имам повеќе „најдобри пријатели“. Мислиш дека тоа не е можно? Можно е. И јас си ги имам. А и тие мене, знам. И не се повеќе од прстите на двете раце. Но, ако веќе морам некого да издвојам, тоа секако ќе биде мојата мачка Емилија Џамбазова - Бавчанска. Еве и сега, додека разговараме, јас мислам на неа. Дали е океј, дали јадела, дали спие? Има еден стих во мојата нова песна „Мадам Диазепам“ која ќе излезе после Нова година кој гласи: „На неа мислам и тогаш кога мислам дека ништо не мислам“.
Поминавте низ еден развод... Како би го дефинирале вашиот став кон бракот, врските?
Џамбазов: Веќе и немам став. Завршив, по се` изгледа и со бракот и со врските. Бракот, како институција, со едната нога е во гробот. Мислам дека овој 21 век ќе го докусури конечно. За жал, така е, и бројките го потврдуваат тоа. Секој втор брак пропаѓа. Тоа е. Многу лицемерие, многу интерес, брак заради децата, неверства...
Резимирајќи ја својата богата кариера и сите животни одлуки, има ли нешто за коешто жалите и би го направиле поинаку?
Џамбазов: Се разбира дека има, само што не можам да се сетам во моментов...но еве да речеме дека би се обидел да ги поправам непоправливите грешки, колку и тоа лудо да звучи. Некои работи да ги направам поинаку, некои нешта да пробам да ги избегнам, а најмногу, се разбира, да се посветам на потомството. Тоа е можеби единствената работа заради која би сакал да го вратам времето.
Едно време живеевте прилично номадски – се селевте низ различни краеви од Македонија. Како сега изгледа еден ваш обичен ден?
Џамбазов: Зависи каде сум. Ако сум во моето „административно“ дома, во Скопје, тогаш сите денови се исти. Седиш дома, оти надвор не е баш за излегување, излегуваш само ако имаш важна работа, не одиш апсолутно никаде. Оние што сакаат да те видат, ти доаѓаат дома, на гости. Но, ако сум во моето „вистинско“ дома, во Дојран, тогаш е сосема друго сценарио. Станување рано, шетање покрај езеро, возење велосипед, при што дишам висококвалитетен воздух, дружба со мештаните, терање гости по цели денови, активност, свежина, среќа, исполнетост. Доволно е?
Колку за тебе е важна слободата – како маж, човек, граѓанин за да функционирате оптимално? И дали ја имате во доволна мера?
Џамбазов: Секој од нас е слободен онолку колку што се труди. Слободата како да е насекаде околу нас, само што ние тешко ја детектираме. Тврдам дека слободата на секој од нас се наоѓа во нашата глава. И само таа слобода никој не може да ви ја одземе. На неа имате доживотно авторско право.
Со оглед на тоа што припаѓате на генерацијата која памети и подобри времиња, како го доживувате и коментирате она што ни се случува последниве години - ве шокира, разочарува или ве тера да се бунтувате?
Џамбазов: Сето она што ме тиштеше, ме правеше гневен, бесен, лут...го напишав во стиховите на мојата нова песна „И племето и семето“. И многумина се препознаа во мојата приказна. Ете така го искоментирав она што не` збудалува сите, она што не прави да се чувствуваме излажани, изневерени, изманипулирани. Ние уметниците можеме само да констатираме. Тешко дека вака разделени, можеме зеднички да се избориме за подобро утре. Ние констатираме, а политичарите би требало да делуваат. Ама некако тешко им оди.
Каде го гледате излезот од тунелот што го живееме?
Џамбазов: Крајот на тунелот е секогаш таму каде што почнува светлината. Кај излезот. Ама до излезот има уште многу перипетии. Треба многу работа, залагање, труд, љубов, патриотизам во нормални количини...и ќе не` биде.
Мимоза Петревска Георгиева
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.