Жерновски: Жалам што ДУИ ја врати старата винил плоча на етнички поделени граѓани
Објавено во: Македонија 12 Јуни, 2020
Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски жали што ДУИ, кои беа нивни коалиционен партнер, одлучија да ја вратат старата на плоча на етнички поделени граѓани, што е платформа од минатото.
„Битно е КОЈ си, а не ШТО си. Навистина ми е жал што колегите од ДУИ одлучија да ја вратат на репертоар старата винил плоча со политиката на етнички-поделени-граѓани, каде не е битно кој си, туку што си. Зарем не е тоа платформа на минатото, а не на иднината? Постоечкиот концептот на "Едно општество за сите", како визија на СДСМ и Заев, не препознава разлики помеѓу етничките заедници, ниту помеѓу разните општествени малцински или маргинализирани групи“, пишува Жерновски.
Тој вели дека земјава стана членка на НАТО и започнува преговори со ЕУ токму благодарение и на таквиот начин на размислување како современа и демократска држава, која е мозаик од различности.
„Нашата основна задача беше и е да градиме толерантно општество и интегрирана држава, како предуслов за заедничкиот просперитет. Мене не ми е битно дали мојот пријател, комшија, премиер, омилен артист или спортист е Македонец или Албанец? Може да биде и Турчин, Србин, Ром, Влав... Се дружам и со Бени, и со Перо. Не гледам на кого се молат, туку какви вредности имаат. Таква е денес мојата држава. Така треба и да продолжи“, пишува Жерновски.