ЖЕШКО ЛЕТНО ПРАШАЊЕ: Ќе го платат ли Грците долгот?
Објавено во: Балкан 30 Мај, 2017
Грчкиот министер за финансии Еуклид Цакалотос ги отфрлил како неточни наводите на германскиот весник Билд дека Грција нема да плати рата од долгот во јули.
„Билд го искриви она што го кажав вчера. Никогаш не реков дека Грција нема да го врати долгот во јули. Тоа прашање не постои“, рекол Цакалотос за Ројтерс.
„Она што го реков е дека отплатата не е предмет на разговор, бидејќи сите страни се согласни дека треба да се придржуваме на нашите обврски. Но, грчката влада смета дека отплатата без јасен став за долгот не е доволна да ја преобрати грчката економија“, додал тој.
Претходно портпаролот на грчката влада Димитрис Канакополус, исто така денес го демантирал пишувањето на германскиот весник дека Атина не размислува за тоа да не плати кредит во јули, ако доверителите не можат да се договорат за ублажување на теретот на грчкиот долг.
„Тоа не е вистина. Решение ќе биде постигнато на 15 јуни“, рекол Канакополус.
Британската агенција додава дека Грција се надева дека состанокот на министрите за финансии на еврозоната на 15 јуни ќе резултира со разјаснување и решавање на прашањето поврзано со долгогодишните апели на земјата да и се намали теретот на долг по три меѓународни пакети финансиска помош.
Земјата има 7,5 милијарди евра долг кој доспева во јули, што е износ кој нема да може да го плати ако не добие нова транша средства од кредиторите, од спасувачката програма и пакет вреден 86 милијарди евра.