Зошто Дедо Мраз е непожелен во градинките во Сараево и во други градови во БиХ?
Објавено во: Балкан 30 Декември, 2017
Дедо Мраз е непожелен во неколку градинки во Сараево и во други градови во Босна и Херцеговина.
Медиумите во БиХ информираат дека и годинава има родители што се противат на „пристигнувањето“ на Дедо Мраз и не дозволуваат нивните деца да примат новогодишни пакетчиња. Сепак, вработениот персонал во градинките се обидува да понуди најубава прослава за Нова година. Детските новогодишни претстави ќе бидат организирани во градинките во кантонот Сараево, во согласност со договорот со родителите, и затоа годинава Дедо Мраз нема да пристигне во неколку сараевски градинки, пишува „Бука“.
Пред седум години, Исламската заедница на БиХ објави дека Дедо Мраз не е познат и признаен во исламската традиција на Бошњаците и токму на децата од оваа етничка заедница овој христијански симбол се обидува да им се наметне како неутрален лик. Во 2008 година во Сараево припадниците на Социјалдемократската партија на БиХ организираа протести против тоа Дедо Мраз да може да дели новогодишни подароци во сараевските градинки.
Меѓународниот известувач за БиХ, Карл Билт, во 1996 година во Сараево ги повика припадниците на сите три народи да не го гледаат Дедо Мраз како верски симбол. Неговата порака беше дека овој лик од бајките не би требало да биде симбол на која било религија, туку дека тој е традиција во БиХ и знак на добра волја и пријателство.