28 Април, 2024
0.0298

За локалната самоуправа и децентрализацијата во Северна Македонија

10 работи што треба да ги знаеме во 2024 година

Објавено во: Мои пари 20 Март, 2024

Добивај вести на Viber

Во последниве години, дискусиите за децентрализацијата привлекуваат големо внимание.И покрај опсежните дебати, некои прашања во врска со трансферот на надлежностите и функциите од централно на локално ниво во земјата допрва треба да се одговорат.Дали Северна Македонија ја достигна „точката на пресврт“ во децентрализацијата и реформата на локалното управување?Дали нашите локални институции можат ефикасно да ги извршуваат функциите кои им припаѓаат со децентрализацијата?

Овие прашања беа потегнати минатиот декември, на годишната Конференција за децентрализација, што е најголем и најважен настан за локална самоуправа во земјата на кој учествуваат сите засегнати страни, од локалните самоуправи, централната власт, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, ескперти и практичари од областа.  Како експертка која што е силно посветена на тематиката и предизвиците со кои се соочува локалната власт, имав привилегија да учествувам на овој изклучително важен собир од аспект на отворен дијалог и размена на искуства.

За полесно следење, заклучоците ги сумирав во 10 точки кои би можеле да се сметаат како индикатори за тоа до каде сме со децентрализацијата и кои се предизвиците и решенијата за локалната власт во Северна Македонија:

10 работи кои треба да ги знаеме во 2024 година

1. Обезбедување фискална автономија за развој на општините и обезбедување на најважните услуги

Факт е дека локалните власти се соочуваат со ограничени приходи што ги попречува во адекватно исполнување на обврските.За да се справат со ова прашање, од клучно значење е фискалната децентрализација.Ова подразбира зголемување на владините трансфери и потранспарентни критериуми за распределба, давање на општините контрола врз ресурсите и овозможување да генерираат приходи преку оданочување, такси и други средства.Сепак, предизвиците, како што се ограничениот капацитет на општините за фискално управување и тешкотиите за собирање даноци остануваат.

Неопходно е со квалитетни решенија да се пополнат недостатоците во координацијата помеѓу националните и локалните стратегии за финансирање, како и да се подобри управувањето со локалниот буџет.Новиот Закон за органски буџет дополнително ја усложнува ситуацијата, со оглед на тесните временски рамки за неговата имплементација, како и значителните ограничувања на капацитетите пред сè на локално ниво.

Од друга страна, и покрај напорите за издавање општински обврзници, ниту една општина не успеа да го спроведе овој концепт поради ограничените овластувања за задолжување.Локалните власти треба да добијат можност за независно користење на должнички инструменти, под услов да се придржуваат до фискалните правила.Иновативните финансиски инструменти можат да го динамизираат локалниот развој и да овозможат директна корист за граѓаните преку создавање можности за работни места, обезбедување подобар пристап до основните услуги, поттикнување на претприемништво и нудење други можности и предности.

2. Стратешко планирање за локален развој

Стратешкото планирање не треба да биде едноставна бирократска вежба, туку клучна алатка за локалниот развој.Локалните развојни планови треба да служат како патокази, да ги водат локалните власти кон планираната и посакувана иднина и да им овозможат на граѓаните да учествуваат и да ги следат плановите на општината.

Стратешкото планирање мора да биде: а) Интегрирано - за да обезбеди координација на секторските политики и да се овозможи континуитет на политиките дури и кога има промена на власта или администрација;

б) Инклузивно - да овозможи граѓанско учество и да ги одразува различните потреби и апсирации на заедницата.

Во овој контекст Методологијата за интегрирано планирање нуди јасни насоки за ангажманот на заедницата, обезбедувајќи кохерентност меѓу различните стратешки цели и пристапот по области.Што е најважно, таа дава насоки за тоа како да се вградат стратешките приоритети во буџетските одлуки, вклучително и размислувањата за новиот Закон за органски буџет и неговото спроведување на локално ниво.Дополнително, плановите треба да бидат придружени со интегрирани рамки за финансирање кои овозможуваат мобилизирање/усогласување на јавните и приватните финансиски ресурси кон приоритетните локални проекти.Со тоа се осигурува дека и таквите, ограничени ресурси, сепак се насочени кон активности од кои заедницата ќе има најголема корист.Со вклучување во овие процеси, граѓаните не само што придонесуваат со своето знаење и експертиза, туку и се негува чувство на нивна сопственост во процесот.Кога членовите на заедницата колективно се согласуваат за приоритетите, на пример, преку форумите на заедницата поддржани од УНДП, тоа не само што резултира со развој на разновидни и ефективни решенија кои се насочени кон различни потреби, туку и го подобрува создавањето на општествен капитал.Ова, пак, ја зајакнува социјалната кохезија меѓу различните групи во заедницата.

3. Интеракција помеѓу централното и локалното управување

Централно-локалните односи одредуваат дали децентрализацијата го постигнува својот целосен демократски потенцијал за доброто на сите.Кога централните и локалните власти тесно соработуваат, тие се поспособни да одговорат на потребите на граѓаните.Тоа значи подобрени услуги, на пример во образованието, транспортот, комунални услуги, што го прави животот подобар за сите.Како резултат на тоа, граѓаните чувствуваат и гледаат реални подобрувања во нивниот секојдневен живот, како подобар пристап до основните услуги и подобрен животен стандард.

Ресорните министерства играат клучна улога во промовирањето на децентрализацијата преку развивање соодветни и ефикасни национални политики и регулативи за децентрализација и зајакнување на локалните капацитети за преземање одговорност за новите функции.Дури и во случаи кога одговорностите се децентрализирани од страна на владата, таа сè уште задржува значајни функции за креирање политики и надзор.За ефикасно спроведување на Владината програма за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026 година и спроведување на препораките од извештајот за напредокот на ЕУ, потребна е итна акција за подобрување на нормативната и финансиската рамка. Успехот во тоа, во голема мера зависи од способноста на двете нивоа на власт да усвојат заеднички пристап и да работат заедно во иста насока кон одржлива децентрализација.

4. Инклузивна дигитализација

Локалните власти ја прифатија дигиталната трансформација и покрај предизвицитеповрзани со ограничената ИТ инфраструктура и персонал.Заедничките иницијативи, особено преку меѓуопштинска соработка и воведувањето на решенија како платформата LoGeS на УНДП, доведоа до значителен напредок во воведувањето дигитални услуги.Овој заеднички пристап се покажа поефикасен и поисплатлив од напорите на поединечните општини, а дополнително овозможува еднаков пристап до е-услуги за граѓаните без оглед на нивното место на живеење.На пример, жителите на Пехчево можат да пристапат до овие услуги без проблем преку веб-страницата на нивната општина, иако провајдерот се наоѓа во Штип.

Кога зборуваме за дигиталните локални услуги, сајбер-безбедноста претставува значителен предизвик.Затоа, следниот чекор вклучува итегрирање на овие локални системи во националниот портал за е-услуги.

Но, и покрај овие достигнувања, постоечкиот дигитален јаз ја нагаласува потребата од нови иницијативи за промовирање на дигиталната писменост, подобрување на пристапноста на е-услугите и поддршка на напорите за инклузија на ранливите групи.Премостувањето на овој јаз е од суштинско значење за обезбедување еднаков пристап до можности и ресурси за сите граѓани.

5. Нови технологии и можности за развој на општините

Новите технологии им нудат на општините можност да ги подобрат ефикасноста и испораката на услуги и да промовираат економски развој и иновации.Неколку примери во земјата го потврдуваат овој потенцијал.На пример, интерактивните е-киосци се покажаа многу погодни и практични во овозможување на граѓаните да извршуваат различни обврски, како што се плаќање сметки и добивање дозволи.Овие киосци не само што ги подобруваат услугите и го намалуваат административниот товар, туку и го зголемуваат задоволството на граѓабите. Покрај тоа, е-киосците може да помогнат во премостувањето на дигиталниот јаз преку обезбедување пристап до услуги за оние кои немаат пристап до интернет или дигитални вештини.

Во оваа насока, општините треба дополнително да ги истражат потенцијалите на паметната инфраструктура, која може да обезбеди паметно управување со енергијата и отпадот, да ги оптимизира ресурсите и да ги намали трошоците.

Користењето на податочна аналитика и употреба на нови технологии во креирањето јавни политики, како што покажаа нашите колеги во УНДП и нивните владини партнери во Србија, им овозможува на општините да ги приспособат услугите за подобро излезат во пресрет на барањата на граѓаните врз основа на демографските податоци и моделите за користење на услугите.Иксуствата од регионот моќе да им помогнат на оопштините поефективно да ги приспособат новите технологии за доброто на граѓаните.

6. Граѓанското општество ја подобрува локалната демократија и ја зајакнува испораката на услуги

Јасна е потребата за поддршка на партнерствата меѓу граѓанските организации и локалните власти со цел тие да развиваат заеднички квалитетни решенија за потребите на граѓаните, но и да се зајакне локалната демократија.

Една, постојана препорака за Северна Македонија е дека треба подобро да го вклучи граѓанското општество во креирањето јавни политики и воопшто во јавните работи.Истовремено, граѓанските организации треба дополнително да ги зајакнат нивните капацитети за подготовка на проекти кои подобро одговараат на барањата на граѓаните, а државата треба да размисли и за воведување унифициран модел и континуирано и транспарентно финансирање на граѓанските организации.

Зајакнувањето на заедницата и слушањето на гласот на граѓаните им овозможува на заедниците подобро да се справат со специфичните предизвици и да изградат одржливи и прилагодени решенија кои најдобро ги искористуваат локалните можности.Покрај тоа, активниот граѓански ангажман и достапниот механизам за граѓанско учество може да доведат до подобрени локални политики, и уште поваќно до поодговорни локални власти кои ги исполнуваат ветувањата.Од друга страна, граѓанските организации можат да ги пополнат празнините во услугите и да обезбедат суштински услуги онаму каде што локалната власт можеби има недостаток на ресурси или капацитети.Честопати, овие услуги се и подобро насочени, бидејќи се прилагодени на специфичните потреби на локалните заедници. На пример,Проектот Reload на УНДП обезбедува методологија за финансирање на граѓанските организации која локалните власти треба да ја следат и демонстрира како заедничкото обезбедување на услуги може да го подобри квалитетот на животот.

7. Моќта на МЛАДИТЕ

Локалните власти кои размислуваат проактивно за иднината мора да ја искористат енергијата и креативноста на младите луѓе за да создадат инклузивни простори каде што младите ќе можат да ги изразат своите идеи и да предлагаат иновативни решенија за прашањата што ги засегаат.

Емиграцијата на младите во Северна Македонија е значаен предизвик, при што младата популација се намали за 6% меѓу 2002 и 2021 година. За да се поттикнат позитивни промени, локалните власти треба да се фокусираат на зајакнување на младите преку давање повеќе простор на локалните младински совети и создавање економски можности за младите преку поддршка на програмите за вработување и иницијативите за претприемништво.Младите се, и можат да бидат уште поголема движечка сила зад реобмислувањето на урбаниот простор, тие можат да бидат водечка сила за прашања како што се зачувување на животната средина, социјалната правда и образовните реформи.Дополнително, уметничките иницијативи предводени од младите, вклучувајќи ги фестивалите за улична уметност, проекти за цртање мурали и улични перформанси, можат да ја збогатат локалната култура и да имаат позитивно влијание врз развој на туризмот.

8. Жените ги предводат промените за сите на локално ниво

Во Северна Македонија, пејзажот на политичкото лидерство на локално ниво останува главно доминиран од мажи.Додека општинските совети се посветени на постигнување еднаква застапеност, во земјата има само две градоначалнички.Со тоа, не само што се продолжува нееднаквоста, туку се занемаруваат уникатните перспективи и потреби на половина од населението.Родовата еднаквост во политичкото застапување бара отстранување на длабоко вкоренетите социјални и културни пречки кои го попречуваат учеството на жените. Сеопфатен општествен пристап е потребен за да се создадат еднакви можности за жените да имаат пристап и да напредуваат на сите политички функции.Проактивните мерки за промовирање на женското лидерство и промовирање на политичката волја може да помогнат за зајакнување на жените на локално ниво и да го отворат патот кон порамноправно и поправедно општество.

9. Родово одговорни услуги

Инвестирањето во родово одговорни услуги е стратешки потег со далекусежно влијание врз благосостојбата на заедницата, економскиот развој и општествениот напредок.

Во Северна Македонија, се појавува еден ветувачки тренд со спроведувањето на родово одговорни услуги на локално ниво.Неколку примери ја демонстрираат ефективната соработка и партнерствата меѓу локалните власти и граѓанските организации и женските групи кои работат заедно за да се справат со специфичните потреби на жените.Овие напори опфаќаат клучни области, како што се превенција и заштита од родово базирано насилство и намалување на товарот на грижата за децата со попреченост.Меѓуопштинската соработка се покажува како ефикасна во здружувањето на финансиските ресурси за родово одговорни услуги на микро и на регионално ниво.Меѓутоа, за да се обезбеди одржливост на овие услуги, потребни се долгорочни стратегии за финансирање од страна на општините, поддржани од централната власт, донаторите и приватниот сектор.

10. Локалната управа како трансформативна сила за праведен развој

Северна Македонија го усвои Законот за Националната стратегија за развој (НРС) и со него се обезбедува усвојување на стратегијата преку широк консензус меѓу политичките партии, меѓу централната и локалната власт и меѓу различните сегменти на општеството.Значајна предност на локалното управување е нејзиниот капацитет да го приспособи спроведувањето на НРС за да одговори на специфичните барања и околности на различните заедници и да гарантира дека напорите за развој одговараат со реалноста на терен.

На пример, спроведувањето на политики за достапно домување како дел од националната социјална политика има потреба од специфично насочен и адаптиран пристап, бидејќи мерките за достапно домување, како што се субвенциите, можат да имаат различни ефекти.Иако можат да го ублажат финансискиот товар за жителите со ниски приходи, тие исто така би можеле да ги обесхрабрат инвестициите во одредени реони, потенцијално да доведат до занемарување на одредени урбани делови и населби и да резултираат со посилна социјална сегрегација.Општините треба да го искористат знаењето и разбирањето на локалните околности и посебните врски меѓу локалните чинители со цел да спроведат прилагодени политики таму каде што е потребно.

Темите опфатени во овој блог се само мал дел од она што е потребно за подобрување на локалното управување.Ефективната децентрализација бара критичка поддршка, свесност, застапување и посветеност од различни засегнати страни, вклучително и од владините претставници, граѓанските организации, заедниците и меѓународните партнери. Овој колективен напор бара реобмислување и изнаоѓање нови начини и интеграција на нашето знаење, капацитети и ресурси за да се поттикне значајна промена.Само преку соработка можеме да го отвориме патот за посилни, поодговорни локални власти кои подобро ќе им служат на потребите на заедниците.

Посебна благодарност на колегите Лазар Поп Иванов, Мирко Трајановски, Илмиасан Даути, Кристина Плечиќ, Фисник Шабани, Билјана Георгиевска, Блажен Малески, Лејла Небиу и Ивана Петровска, за нивниот придонес и вредни сознанија за релевантноста на овој текст.

Проектите коишто се рефенцирани во овој блог се спроведени во Програмата за развој на Обединетите нации во соработка и поддршка од Владата на Северна Македонија, општините и донаторската заедница (Швајцарија, Шведска, Европска Унија, Словачка, Обединетото Кралство и др.)


БИЛЈАНА ЦВЕТАНОВСКА ГУГОСКА

Раководител на секторот за демократско управување, УНДП


ПР Објава

Можеби ќе ве интересира

Менаџментот на NOVOMATIC свечено ги отвори вратите на Grand Casino Admiral

Менаџментот на NOVOMATIC свечено ги отвори вратите на Grand Casino Admiral

Третиот дел на „Солунска 28“ од д-р Неле Карајлиќ е најпродаван наслов од „Арс Ламина“ на Саемот на книгата 2024

Третиот дел на „Солунска 28“ од д-р Неле Карајлиќ е најпродаван наслов од „Арс Ламина“ на Саемот на книгата 2024

Успешен и профитабилен прв квартал од 2024 за НЛБ Банка

Успешен и профитабилен прв квартал од 2024 за НЛБ Банка

ТРИКРАТНИОТ ШАМПИОН ИГОР ИЏЕ СТЕФАНОВСКИ ВО ПОХОД ПО НОВА ЕВРОПСКА ТИТУЛА

ТРИКРАТНИОТ ШАМПИОН ИГОР ИЏЕ СТЕФАНОВСКИ ВО ПОХОД ПО НОВА ЕВРОПСКА ТИТУЛА

„A1 Academy” заокружи уште еден успешен модул – Бизнис аналитика

„A1 Academy” заокружи уште еден успешен модул – Бизнис аналитика

Хуманитарен велигденски настан во Веро центар за лицата со церебрална парализа

Хуманитарен велигденски настан во Веро центар за лицата со церебрална парализа

Караванот „Не е до нив, до тебе е“ утре патува во Скопје и во Охрид

Караванот „Не е до нив, до тебе е“ утре патува во Скопје и во Охрид

ВЕЛИГДЕНСКИ БОНУСИ ВО ПРОГРАМАТА ЗА ЛОЈАЛНОСТ НА 2win.мк

ВЕЛИГДЕНСКИ БОНУСИ ВО ПРОГРАМАТА ЗА ЛОЈАЛНОСТ НА 2win.мк

Прашања од граѓански организации до политичките партии пред следниот изборен круг

Прашања од граѓански организации до политичките партии пред следниот изборен круг