26 Април, 2024
0.1381

50 милиони евра за енергетика на располагање на Западен Балкан од ЕУ

Објавено во: Економија 09 Февруари, 2017

Добивај вести на Viber

Земјите од Западен Балкан на располагање ќе имаат нови 50 милиони евра за зелен развој и проекти за енергетска ефикасност. Договорите за финансиите ги потпишаа претставници на Европската комисија и на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и Банкарскиот концерн Кfw, по сесиите на Министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан, што се одржува денеска во Скопје.

– Предвидените финансии треба значително да му помогнат на јавниот и приватниот енергетски сектор во шесте држави и да придонесат за заштеда на енергија и намалување на емисиите на штетни гасови, оцени еврокомесарот Јоханес Хан на прес-конференцијата по потпишувањето на договорите во македонското МНР.

Хан потенцираше дека со овие дополнителни средства земјите од Западен Балкан ќе можат да заштедат 1,6 тера-часови електрична енергија годишно.

– Тоа е еквивалентно на четиримесечната потрошувачка на енергија на Албанија. Значи со овие активности можеме да заштедиме една третина од потрошувачката на Албанија годишно, може да се намали емисијата на штетни гасови на годишно ниво во голема мерка што би значело на пример една година да не се возат автомобили во Црна Гора. Ова е извонреден ефект што може да се постигне доколку се сконцентрираме на прашањето за енергетска ефикасност која што влијае и врз финансиите, но има и политичка релевантност. Ако штедите енергија не мора да ја увезувате и вашата политичка позиција се зацврстува, рече Хан.

Вицепремиерот за економски прашања истакна дека се работи за значителни инструменти кои ќе помогнат државите да го подобрат функционирањето во делот на енергетиката.

– Државите што ќе аплицираат со проекти и ќе ги поминат критериумите за двата инструмента реално се квалификуваат и за многу поголемо финансирање од страна на мултилатералните финансиски институции, рече Пешевски.

Во рамки на Министерскиот совет се одржа сесија на министрите за енергетика на кој фокусот беше ставен на прогресот во реформите во секторот енергетика согласно зададените цели со т.н Берлински процес“. Реформите се во насока на хармонизирање на правната рамка и на нивото на проекти кои се спроведуваат со цел поврзување на балканските држави  пред зачленувањето во ЕУ.

– Со задоволство можам да констатирам дека кај сите шест држави е направен значителен прогрес особено во агендата за поврзување меѓу државите и во делот на физичката инфраструктура во секторот енергетика, но и во правната регулатива. Се зададоа и определени цели кај секоја држава што треба да бидат исполнети до самитот во Трст годинава, информира Пешевски.

На состанокот е постигната согласност да се подигне на повисоко ниво мастер планот за регионален  развој на хидропотенцијалот.

Се прават, посочи Пешевски, големи чекори за формирање заеднички пазар за електрична енергија помеѓу шесте држави за што ќе биде потребно првенствено да се хармонизира правната рамка, како и да се олесни трговијата со електрична енергија помеѓу државите.

Одговарајќи на новинарски прашања во однос на искористувањето пари од европските фондови од страна на Македонија, Пешевски рече дека капацитетот на македонската администрација постојано се зајакнува и има прогрес.

Секако дека политичката криза во изминатиот период влијаеше кај администрацијата поради низа процеси, можеби малку поспоро да се одвиваат одредени работи, но сепак генерално Македонија е добро екипирана и се движи во добра насока во делот на искористување на европските претпристапни фондови, рече Пешевски.

Како што потенцира еврокомесарот Хан, фокусот во следниот период ќе биде на економисијата. Би било одлично, појасни, доколку се создаде единствен пазар на Западен Балкан. Тоа ќе значи подобрување на можностите за трговски односи, подобрување на деловните можности затоа што денес гледаме дека има многу неискористен потенцијал во регионот.

– Има зголемување на извозот и увозот кон и од Европската унија, тоа е се во ред, но би сакале да видиме поголем пораст на трговијата во самиот регион. За оваа цел мора да се донесат одредени регулативи, мора да се отстранат одредени бариери, рече Хан.


Можеби ќе ве интересира

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра