03 Мај, 2024
0.0254

„Арс Ламина“ со седум награди од Македонската асоцијација на издавачи на Саемот на книга 2024 година

Објавено во: Мои пари 20 Април, 2024

Добивај вести на Viber

Издавачката куќа „Арс Ламина“ на годинашното, традиционално доделување награди од Македонската асоцијација на издавачи во рамките на Саемот на книгата, освои седум признанија во неколку категории: прво место за книгата „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ во категоријата Најдобра книга за деца, три втори места: во категоријата Најдобро ликовно-графички уредено издание за книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“, во категориите Најкреативно издание и Поттикнување на општествена одговорност за сликовницата на кирилско и на Брајово писмо, „Шарени ириси“, и три трети места: во категоријата Најдобра едиција за едицијата „Современи класици“, во категоријата Најдобра книга за деца за сликовницата „Рокчето“ и во категоријата Најкреативно издание за комплетот книги „Мојата прва библиотека“. 

„Си беше еднаш (Најубавите бајки на сите времиња)“ е голема книга за малите читатели во која, со нова, воедначена раскажувачка адаптација на Оливера Ќорвезироска (соодветна и примерена на новото време и на новите генерации читатели) се поместени 52 бајки од Ханс Кристијан Андерсен, Браќата Грим и Шарл Перо. Освен најпознатите бајки, во волшебната книга со раскошни илустрации од Наталија Лукомска, можат да се најдат и неколку бајки кои првпат се преведени и адаптирани на македонски јазик, како и првата, воведна, „влезна“ бајка во книгата – „Златното клуче“ со која се отвора овој чудесен ликовно-книжевен свет. Воведната бајка самата по себе е клуч за влез во таинственото, чудесното, омиленото на децата и на сите кои кога било биле деца.
„Си беше еднаш (Најубавите бајки на сите времиња)“ содржи и Речник на помалку познати зборови, главно архаизми и фолклоризми кои придонесуваат за стилскиот рафинман на приказните. Наспроти современиот јазик, оваа лексичка нијанса придонесува за едно суптилно поврзување на времињата некогашни и сегашни; за дискретно онеобичување кое обезбедува континуитет на македонското јазичко ткиво и лексичкото богатство.
 
Фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младенови, ги сублимира сознанијата и знаењата здобиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмски и музејски костимограф. Потпирајќи се на својот вроден раскажувачки талент, Тодорова-Младеновиќ создаде читлив и рецептивен текст интересен за стручната јавност, но и за секој љубопитник што го интересира развојот на облеката во Македонија од првите фотографски записи, па до денес. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата.
 
„Шарени ириси“ е многу повеќе од само уште една книга. Таа е хибриден инклузивен проект. Книжевно-ликовна приказна на кирилско и на Брајово писмо, за она што се гледа и за она што не може да се види. Метафорични очи во кои живеат светлината, темнината и љубовта. Можен свет (пре)создаден низ своите или низ очите на блискиот.
„Шарени ириси“ е сликовница за големи и мали, што треба да се чита, да се гледа, да се допира со... ширум отворено срце!
 
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.
Сочувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напиша авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев. Во неа, Маџиров подеднакво е и поет и раскажувач.
Формата „приказна во приказна“во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедо му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук. Читателите ја слушаат/ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето-главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите (Анета Илиевска), коишто исто така се на две нивоа: еден е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерен), друг – во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорен).
 
Едицијата Современи класици, во чии рамки „Арс Ламина“ има објавено повеќе дела од Умберто Еко, Габриел Гарсија Маркес, Ернест Хемингвеј, Орхан Памук..., во 2023 година е збогатена со уште четири значајни наслови: „Се гледаме во август“ од Габриел Гарсија Маркес, „Ноќи на чума“ од Орхан Памук, „Време на преправање“ од Жоао Пинто Коељо и збирката раскази „Грамадата на пристаништето“ од Борис Пахор.
Со издавањето на „изгубениот“ роман на Маркес, „Се гледаме во август“, „Арс Ламина“ се приклучи во синхроното објавување во повеќе од 30 земји во светот, на денот на неговиот роденден, 6 март. Преводот на романот го сработи универзитетската професорка Огнена Никуљски.
Најновиот роман на Орхан Памук, „Ноќи на чума“, што се чекаше со години, беше преведен на македонски јазик (во превод на Томе Сиљаноски) меѓу првите не само во регионот, туку и во светот, речиси истовремено со преводот на англиски јазик.
 
„Мојата прва библиотека“ го учи најмладиот читател почетник како самостојно да научи да чита и истовремено да ја развива љубовта кон читањето. Таа претставува современо дидактичко помагало што треба да одговори на сè позачестената појава децата да научат да читаат, делумно или целосно, уште пред да тргнат на училиште.
Со овие сликовници се создаваат поттик и мотивација за читање поради соодветноста со нивото на читачката вештина. Со совладувањето на секоја буква и текст од сликовниците, детето има чувство дека прочитало цела книга. Детето на тој начин ја гради, чекор по чекор, својата прва библиотека, составена од првите книги што може самостојно да ги прочита.
Овие сликовници паралелно можат да се применат и во училиште, од причина што претставуваат дополнителен дидактички материјал во процесот на почетното описменување, а според методот на описменување (аналитичко-синтетички гласовен метод, со елементи на глобалното читање) се компатибилни со учебникот по македонски јазик за прво одделение.
 
Исто така, книгата „Гени, мени, сени (Потеклото на бабите)“ од Владимир Лукаш (издание на „Супрема“), зад чиј дизајн стои тимот на „Арс Ламина“, доби трета награда за најдобро графичко уредување.

ПР објавa

Можеби ќе ве интересира

Со нашиот проект „Заедно во инклузивна заедница“ заслужуваме титула регионален победник на „Рамката за помош“ за 2024 на НЛБ Групацијата: Александар Стојановски - Здружение Во Мојот Свет

Со нашиот проект „Заедно во инклузивна заедница“ заслужуваме титула регионален победник на „Рамката за помош“ за 2024 на НЛБ Групацијата: Александар Стојановски - Здружение Во Мојот Свет

Со задоволство Ви го преставуваме ГРАНД СКОПЈЕ, како PRIME SPONSOR на Конференцијата за комерцијални недвижности во Скопје, Македонија

Со задоволство Ви го преставуваме ГРАНД СКОПЈЕ, како PRIME SPONSOR на Конференцијата за комерцијални недвижности во Скопје, Македонија

Дали ја знаете играта Царица? Можеби ја знаете ама во вашиот град има друго име

Дали ја знаете играта Царица? Можеби ја знаете ама во вашиот град има друго име

Подобрени резултати во првиот квартал поттикнати од извозот и ефектот од вреднување на залихите во услови на зголемени меѓународни цени на горивата

Подобрени резултати во првиот квартал поттикнати од извозот и ефектот од вреднување на залихите во услови на зголемени меѓународни цени на горивата

Наградна игра „ЕВРОТИП МИЛИОНЕР“

Наградна игра „ЕВРОТИП МИЛИОНЕР“

Државната изборна комисија го заокружи едукативниот караван „ТИ СИ НА РЕД“ во битолскиот и тетовскиот регион

Државната изборна комисија го заокружи едукативниот караван „ТИ СИ НА РЕД“ во битолскиот и тетовскиот регион

СУПЕР МИЛИОНЕР ЏЕКПОТ НА ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА Е ВО ЗОНА НА ПАЃАЊЕ

СУПЕР МИЛИОНЕР ЏЕКПОТ НА ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА Е ВО ЗОНА НА ПАЃАЊЕ

Посета во Бимилк: 200 деца од градинката „Пролет“ го научија патот на млекото

Посета во Бимилк: 200 деца од градинката „Пролет“ го научија патот на млекото

ЕВН и „Макпетрол“ ќе постават 10 брзи полначи за електрични возила низ цела Македонија

ЕВН и „Макпетрол“ ќе постават 10 брзи полначи за електрични возила низ цела Македонија