03 Мај, 2024
0.0267

БАНКАРИТЕ СЕ ПРАВДААТ - ако ги простиме каматите, ќе влеземе во загуби и потоа нема да можеме да кредитираме

Објавено во: Финансии 02 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Доколку не пресметуваме камати додека трае грејс-периодот од плаќањето на кредитните обврски, ќе мора да работиме со загуби, а тоа ќе ја ограничи нашата можност да даваме кредити. 

Вака банкарите за Фактор ја образложуваат својата „непопустливост“, односно намерата дека и покрај тоа што за шест месеци ќе им го одложат плаќањето на ратите на граѓаните, за тој период нема да ги поштедат и да им ги простат и каматите, туку ќе им ги пресметаат, а потоа, откако ќе заврши овој грејс период, и нив ќе им ги наплатат, со што всушност на долг рок ќе им се зголеми трошокот. 

Фактор го праша банкарскиот еснаф, односно Македонската банкарска асоцијација зошто банките не ги поштедија граѓаните од каматите. Оттаму тврдат дека нивните членки постапуваат во согласност со владината Уредба, која има законска сила, а се однесува на начинот на промена на договорните услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците, како и со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик на Народната банка.

Од МБА велат дека согласно десегашните објави од банките, даден е мораториум во плаќањата, и тоа во наредниот период од шест месеци не се наплатува ниту главницата, ниту камата. 

И НИЕ ПЛАЌАМЕ КАМАТИ НА ШТЕДНИТЕ ВЛОГОВИ

„Би сакале да укажеме дека непресметување на каматата за кредитокорисниците не е можно, бидејќи банките и штедилниците, како посредници помеѓу тие што штедат и тие што земаат кредити, мора да ја одржат ликвидноста, квалитетот на активата и на капиталот. Банките работат со пари на штедачите и имаат обврска за тие средства да пресметуваат и веднаш да исплаќаат камата и тоа претставува директен трошок за банките. Доколку во такви услови не пресметуваат камата на кредитните пласмани, не ќе можат да остварат приходи и ќе работат со загуба, која ќе падне на товар на капиталот на банките. На тој начин ќе се ограничи можноста за пласирање кредити, а тоа долгорочно ќе има негативен ефект и ограничување на пласирањето кредити. Затоа актуелните политики што ги спроведуваат банките се со цел обезбедување континуирана поддршка на редовното работење на граѓаните и на компаниите и за одржување на ликвидноста на банкарскиот сектор и на финансиската стабилност на земјата“, велат за Фактор од Македонската банкарска асоцијација. 

Банкарите уверуваат дека понудите на банките во секој случај значат олеснување за клиентите кои користат кредитни производи, односно во актуелната ситуација предизвикана од коронавирусот им овозможуваат на полесен начин да ги надминат проблемите за надмирување на обврските. 

Банките, како што велат од МБА, оставиле и можност за пролонгирање на крајниот рок за отплата на кредитите, со што се овозможувало ануитетите, сепак, горе-долу да останат исти како и пред стапувањето на сила на Одлуката.

„И во другите држави од регионот што воведоа мораториум, привремениот прекин на наплата на кредитите не подразбира запирање на пресметувањето камата, при што исто како и кај банките од нашата земја, наплатата на пресметаната камата ќе се врши по завршување на грејс-периодот“, ни изјавија од МБА.

На нашето прашање зошто дел од банките не ја послушаа препораката на Народната банка да не делат дивиденда од добивката остварена од минатата година, ни изјавија дека „како асоцијација не можеме да даваме мислење за поединечните одлуки на нашите членки“.

Ваквата одлука на банкарите создаде револт кај дел од јавноста, која смета дека на банките и во услови на коронакризата, профитот им е многу важен. Според реакциите од граѓаните, иако за време на грејс периодот ќе им се олесни кредитниот товар, сепак подоцна тој ќе им се зголеми, бидејќи ќе треба да ја плаќаат каматата и за тие шест месеци, откако ќе почнат и со редовното измирување на нивните кредитни обврски. 

Но затоа, во одбрана на банкарскиот сектор вчера застана министерката за финансии, Нина Ангеловска. Таа рече дека во ниту една земја банките нема да им ги простат каматите на граѓаните. Ангеловска нагласи дека е битно банките да останат стабилни, за да можат да и даваат поддршка на економјата и после коронакризата, но и дека е подобро со нив да се води конструктивен дијалог, наместо да се тераат мерки да преземаат со сила. 

„Дури и во земјите каде се воведе т.н мораториум на кредитите, каматите комплетно не се бришат или одложуваат или простуваат. Како пример Словенија, Црна Гора, Албанија и Србија имаат мораториум, но каматите се пресметуваат и се репрограмираат во следниот период. Заштитата на банкарскиот сектор не значи дека Владата не бара од банките да се солидализираат, туку значи дека цели да ги заштити граѓаните и на долг рок, бидејќи стабилноста на банките е важна за заштита на граѓаните и нивните средства и во иднина, за банкарскиот сектор да продолжи нормално да функционира и во кризата и после неа“, нагласи Ангеловска. 

Инаку, иако е намалување во однос на 2018, во текот на минатата година банкарскиот сектор во земјава остварил вкупен профит од 114 милиони евра. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

КОЛКУ ЗАРАБОТИЈА РУСКИТЕ ОЛИГАРСИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИНВАЗИЈАТА ВО УКРАИНА: сега има многу повеќе милјардери!

КОЛКУ ЗАРАБОТИЈА РУСКИТЕ ОЛИГАРСИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИНВАЗИЈАТА ВО УКРАИНА: сега има многу повеќе милјардери!

ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО ПАДНА, НАФТАТА ПОД 84 ДОЛАРИ - Европските и американските берзи бележат раст

ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО ПАДНА, НАФТАТА ПОД 84 ДОЛАРИ - Европските и американските берзи бележат раст

СТРАВ ОД ОДМАЗДА - веќе не се зборува за конфискација на руски имот

СТРАВ ОД ОДМАЗДА - веќе не се зборува за конфискација на руски имот

ФЕД НАЈАВИ ГОЛЕМА ПРОМЕНА - не се каматните стапки, тие остануваат исти

ФЕД НАЈАВИ ГОЛЕМА ПРОМЕНА - не се каматните стапки, тие остануваат исти

ЕВЕ ВО ШТО ИНВЕСТИРААТ БОГАТИТЕ: Најуспешните луѓе на планетата не инвестираат во криптовалути, еве каде ги вложуваат парите

ЕВЕ ВО ШТО ИНВЕСТИРААТ БОГАТИТЕ: Најуспешните луѓе на планетата не инвестираат во криптовалути, еве каде ги вложуваат парите

ЕВЕ ЈА НАЈНОВАТА ЛИСТА НА НАЈБОГАТИ: Бернард Арно прв на тронот, Маск падна на третото место

ЕВЕ ЈА НАЈНОВАТА ЛИСТА НА НАЈБОГАТИ: Бернард Арно прв на тронот, Маск падна на третото место

„ЗА ТИЕ ПАРИ...“: Луѓето револтирани од цените на Јадранот

„ЗА ТИЕ ПАРИ...“: Луѓето револтирани од цените на Јадранот

НАЈГОЛЕМ ДОЛГ ОД НАПОЛЕОНСКИТЕ ВОЈНИ: Претседателот на Светскиот економски форум објави лоши вести

НАЈГОЛЕМ ДОЛГ ОД НАПОЛЕОНСКИТЕ ВОЈНИ: Претседателот на Светскиот економски форум објави лоши вести

НАЈМНОГУ ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈА ВО НОЕМВРИ И ДЕКЕМВРИ – еве што открива извештајот на Агенцијата

НАЈМНОГУ ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈА ВО НОЕМВРИ И ДЕКЕМВРИ – еве што открива извештајот на Агенцијата