БОКИ 13 УТРИНАВА ИТНО ПРЕНЕСЕН ВО ГРАДСКАТА БОЛНИЦА ПОД СИЛНО ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ: Ќе следи тешка операција на желудникот
Објавено во: Македонија 17 Март, 2023
Утринава со комбе
на затворската полиција и под силно полициско обезбедување, Бојан
Јовановски-Боки 13 итно е пренесен во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум
Охридски“ во Скопје, поради многу влошена здравствена состојба.
Од неговиот правен тим соопштуваат ќе следи тешка операција, односно отсранување на желудникот.
- Согласно специјалистичкиот извештај, ве информираме дека за извршувањето на операцијата која по својот карактер е сложена, високо - ризична и со неизвесен исход од истата, формиран е тим на повеќе хирурзи - специјалисти од областа кои ќе ја извршат операцијата, а истовремено напоменуваме дека хирурзите - специјалисти се оградуваат од ризикот и одговорноста за исходот од оперативниот зафат, дотолку повеќе што тие навремено и повеќекратно даваа категорични препораки и укажувања преку конзилијарните стручни мислења да не дојде до оваа операција и да се избегне овој мутилантен хируршки зафат, од причини што самата хируршка интервенција е високо ризична и сложена, придружувана со можни компликации кои можат да бидат кобни за пациентот. Оттука, произлегува фактот дека поради апсолутно и крајно непочитување на издадените задолжителни препораки и мислења на стручните колегиуми на државните клиники од страна на судските власти и Управата за извршување на санкциите, дојде до оваа непосакувана и ризична актуелна здравствена состојба на Бојан Јовановски, после која во најдобар случај и позитивен исход од операцијата, Бојан Јовановски ќе биде со траен инвалидитет. Целата оваа ситуација и операцијата можеше да се избегне доколку властите кои одлучуваа по барањата за прекин ги почитуваа специјалистичките препораки кои категорично укажуваа дека ќе дојде до сето ова, бидејќи во затворски - пенални услови нема можност за лекување и третирање на болеста на пациентот. Бојан Јовановски после денешната хоспитализација, во наредните денови ќе му бидат извршени сите потребни испитувања и подготовки за операцијата, по што хирурзите - специјалисти ќе пристапат кон извршување на истата, се наведува во соопштението.
Истовременои, тимот на Боки 13 ја информира јавноста, дека пред Основниот кривичен суд веќе е поднесено ново барање за прекин на издржување на казната затвор согласно чл.224 ст.2 од ЗИС и очекуваат одлука која ќе биде донесена во итен рок и која ќе биде темелена врз основа на реални факти и неселективна оценка на доказите со примена на начелото на хуманост, согласно новонастаната состојба, односно одлука со која ќе биде уважено барањето за прекин согласно сите исполнетите законски услови, совест и одговорност при одлучување од страна на судот.
-Во овие чувствителни моменти за Бојан Јовановски и неговото семејство, ја повикуваме јавноста на солидарност и емпатија, како доблесни карактерни особини на секој поединец, бидејќи со овој пример на Бојан Јовановски имаме за цел да ги укажеме негативните појави, а истовремено да дадеме придонес кон подобрување на јавното добро, стои во соопштението.