Борче Давитковски: Уште референтот во Охрид не смеел да го дозволи „Цар Борис Трети“
Објавено во: Македонија 10 Октомври, 2022
Борче Давитковски, еден од креаторите на Законот за здруженија и фондации, според кој е формиран бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, во емисијата „Студио 10“ на ТВ24 рече дека уште референтот на филијалата на Централен регистар во Охрид не смеел да дозволи негов упис.
„По право на надзор, може да се бара поништување на регистрација, а тие имаат право на жалба кое може да дојде до Управен суд и таму да се повикаат вештаци кои треба да дадат свое мислење за тоа кој бил Цар Борис Трети. Но уште тие на шалтерот на Централен регистар во Охрид, референтот требало да ги пролиста програмата, статутот и името и да не изврши упис“, рече професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Давитковски вели дека законот е направен да биде либерален, но ако државата сега не го спречи овој тренд на регистрирање на клубови со контроверзни историски имиња, тоа ќе се смета за преседан и дека таквите регистрации ќе продолжат до недоглед. Следно веќе е ново отворање на бугарски културен клуб во Богданци.
„Треба минимум пет основачи, од кои тројца државјани на Македонија, да формираат органи, статут и програма за работа. Тие документи со потпишаните основачи се носат во Централниот регистар, кој ги гледа тие факти, треба да се види програмата, што значи тоа здружение и кои му се целите и задачите во статутот.
Дали целта е Цар Борис да се овековечи?, дали со тоа сакаат својата самосвест да ја изразат или да ги иритираат останатите граѓани?. И по мене ЦР не требаше да изврши регистрација туку да бара поништување. Ова нема никаква врска со Обвинителството, туку административно требаше да се среди работата
Не знам зошто не го применуваме член 58 надзор, кој го врши Министерството за правда. Преку Државниот управниот инспекторат може да влијае да не се изврши регистрација. Во овој случај името предизвикува нетрпеливост и ги иритира останатите граѓани“, смета Давитковски.
На седница на Владата донесена е Oдлука за формирање на Советодавно тело за давање на мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице. Претходно, Владата ја усвои информацијата за потребата од иницирање меѓуресорско, Ад-хок тело како привремено решение, до донесување на нов Закон за здруженија и фондации, којшто е во фаза на изработка.
„Како може прво да го регистрираме, па после државата да бара начин како да ја поправи штетата. Ако работата дојде до Управниот суд, да викне вештаци и тие да кажат дека навистина ова предизвикува нетрпеливост кај останатите граѓани во државата“, вели тој и додава дека ова советодавно тело на Владата нема никаков правен основ како да интервенира.