Бугарски медиуми: Претепан секретарот на клубот „Цар Борис“ во Охрид
Објавено во: Македонија 20 Јануари, 2023
Секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид е во болница во тешка состојба. Ова го соопшти европратеникот Андреј Ковачев. Веста ја пренесуваат бугарски медиуми.
- Се обидов да се јавам на телефон кај момчето, разговаравме многу кратко, беше во исклучително тешка состојба, рече дека не може да зборува, околу него имаше лекари и побарав да разговарам со некој друг околу него, но очигледно не беше вистинското време, изјави Ковачев за БТВ.
Тој објасни дека три лица го претепале и му рекле дека сакале да го убијат бидејќи е Бугарин. Според Ковачев, двете земји мора да реагираат, а ситуацијата треба да ја испита и бугарскиот конзул.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи го информирал дека сите тројца напаѓачи се идентификувани.
- Доцна синоќа Димитар Стојанов ми напиша дека ова се случило пред неколку минути и од мене побара помош. Веднаш контактирав со претставници на бугарската држава, потпретседателот и министер за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи, Ковачев раскажа како дознал за тоа што се случило.
Дваесет и едно годишниот Х.П. од Охрид синоќа бил нападнат од тројца охриѓани во угостителски објект на кеј „Македонија“, соопшти утрово СВР Охрид.
Инаку МВР изутрина извести дека лице, како што е наведено, било физички нападнато од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид, по што му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид.
– Според пријавеното од Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј „Македонија“ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид, појасни за МИА портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Нападот во полиција бил пријавен околу 22 часот и 30 минути. Известен бил јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.